ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАНЕВА ЌЕ СЕ РАСПРАВА В ЧЕТВРТОК, ИЛИЈА ДИМОВСКИ БАРА КОМИСИСКАТА СЕДНИЦА ДА БИДЕ ЈАВНА

    ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈАНЕВА ЌЕ СЕ РАСПРАВА В ЧЕТВРТОК, ИЛИЈА ДИМОВСКИ БАРА КОМИСИСКАТА СЕДНИЦА ДА БИДЕ ЈАВНАОдлуката на Комисијата во однос на постапката на разрешување на Јанева се носи со просто мнозинство. - Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски (Фото: СДК.МК)

    Илија Димовски, претседател на Комисијата за избори и именувања, за в четврток закажа седница на комисијата на која ќе се разгледува извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната обвинителка Катица Јанева. Извештајот е со назнака „доверливо“, но Димовски вели дека ќе побара од новиот претседател на Советот на јавни обвинител Ацо Колевски да го декласифицира документот, бидејќи тој смета дека седницата треба да биде јавна за да се зголеми довербата на јавноста во Собранието и во правосудниот систем. Додека не добие одговор, Димовски вели дека не знае дали за извештајот ќе се расправа зад затворени врати или седницата ќе биде јавна. Сепак, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека комисијата може да одлучи со двотретинско мнозинство дали седницата ќе биде јавна или затворена.

    Ако комисиската седница биде затворена, на неа ќе можат да присуствуваат само членовите кои имаат безбедносен сертификат, но и пратеници кои не се членови, а поседуваат валиден сертификат за класифицирани информации. Одлуката на Комисијата во однос на постапката на разрешување на Јанева се носи со просто мнозинство. Ако помине извештајот за разрешување на Комисијата за избори и именувања, потоа на пленарна седница се носи одлука околу евентуалното разрешување на специјалната обвинителка. Таа одлука потоа треба да ја потврди Советот на јавни обвинители.

    Ако Јанева биде разрешена, Специјалното обвинителство останува без обвинител и нефункционално, до изборот на в. д. Специјален обвинител, нов Специјален обвинител или до изгласувањето на новиот Закон за Јавно обвинителство, со кој СЈО ќе се интегрира во редовното ОЈО за организиран криминал, кое по ново ќе се вика ОЈО за организиран криминал и висока корупција, па ќе нема потреба ни од в. д., ни од нов Специјален обвинител.

    Јанева е во притвор од 21 август 2019, за злоупотреба на службената положба и овластувањата во случајот „Рекет“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира