АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ ПОКРАЈ ПЛАТИ НА ВРАБОТЕНИТЕ ИМ ДЕЛИ И ХОНОРАРИ ЗА ВНАТРЕШНИ КОМИСИИ

    АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛЕКОВИ ПОКРАЈ ПЛАТИ НА ВРАБОТЕНИТЕ ИМ ДЕЛИ И ХОНОРАРИ ЗА ВНАТРЕШНИ КОМИСИИ„Со моето доаѓање како прв човек на МАЛМЕД работата на комисиите се закажува исклучиво после 16 часот што не беше случај и во претходните години“, вели директорот на МАЛМЕД Роберт Бекироски (Фото: М.Златевска)

    Агенцијата за лекови и медицински помагала (МАЛМЕД) покрај плата на вработените им исплаќа и хонорари за членство во внатрешни комисии. Но, Агенцијата не кажува колку вкупно средства месечно се одлеваат за оваа намена, ниту пак кажува колку вкупно пари вработените добиваат од членство во комисиите.

    Од Министерството за информатичко општество и админстрација од минатиот петок проверуваат дали давањето хонорари на вработени лица за завршена работа во истатата државна институција е согласно законот.

    Исплаќањето на хонорари на вработените за членство во комисиите директорот на МАЛМЕД Роберт Бекировски го правда со тоа што работата на комисиите се одвива по завршување на редовното работно време.

    „Со моето доаѓање како прв човек на МАЛМЕД работата на комисиите се закажува исклучиво после 16 часот што не беше случај и во претходните години. Финансиските средства за работата на комисиите се од средствата на МАЛМЕД“, вели Бекировски.

    Тој вели дека согласно законските одредби во Агенцијата се формирани 12 комисии, меѓу кои и комисијата за безбедност на лековите. Бројот на членови во комисиите е различен и се движи од 5 до 11 члена.

    „Во комисиите најголем дел од членовите се надворешни експерти и само 20 до 30 отсто се професионалци од МАЛМЕД. Хонорарите кои ги зема еден член на комисија се движат од 6.000 до 12.000 денари месечно, во зависност од комисија. Тоа е согласно позитивните законски решенија“, вели Бекировски.

    Од Министерството за информатичко општество и администрација не одговорија на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали овие пари на вработените во Агенцијата за лекови и медицински помагала им се исплатени како паушали или како нето плата. Ниту пак на прашањето ако се исплатени како нето плата, дали исплатената сума не го надминува законскиот лимит за зголемување на платата на јавни службеници до 30 отсто и што ќе преземат ако утврдат прекршување на законските одредби. Прашањата им беа испратени минатиот петок, а тогаш од Министерството кажаа дека ќе го проверат случајот.

    Од Министерството за информатичко општество и администрација не одговорија на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали овие пари на вработените во Агенцијата за лекови и медицински помагала им се исплатени како паушали или како нето плата – Министерот Дамјан Манчевски на една од седниците на Влада (Фото: Влада на РМ)

    Агенцијата за лекови и медицински помагала не одговори на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали се случува вработени да членуваат во повеќе внатрешни комисии, колку такви вработени има и во колку комисии истовремено членуваат. Овие податоци не се објавени ниту на официјалната веб страница на Агенцијата, а оттаму нема одговор зошто овие податоци не се достапни за јавноста согласно заложбите на Владата за транспарентност и отчетност.

    Агенцијата не одговори ниту на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали вработените примаат по 100.000 денари месечен хонорар по член за работа во внатрешните комисии.

     

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира