АКО ГО ПРОДОЛЖАТ МАНДАТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ, УСТАВНИТЕ СУДИИ ЌЕ ОДАТ В ЗАТВОР, ВЕЛИ АКАДЕМИК КАМБОВСКИ

    АКО ГО ПРОДОЛЖАТ МАНДАТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ, УСТАВНИТЕ СУДИИ ЌЕ ОДАТ В ЗАТВОР, ВЕЛИ АКАДЕМИК КАМБОВСКИОние уставни судии кои ќе гласаат за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа кои пропишуваат дека мандатот на градоначалниците трае четири години, прават кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата“, - академик Владо Камбовски

    Уставниот суд нема надлежност и не смее да одлучува за продолжување на мандатот на градоначалниците, туку Собранието, вели академик Владо Камбовски за САКАМДАКАЖАМ, за поднесените иницијативи од Министерствата за правда и за локална самоуправа, како и таа на Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд, со кои се бара бришење на членовите од Законот за локална самоуправа кои го ограничуваат мандатот на четири години.

    „Оние уставни судии кои ќе гласаат за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа кои пропишуваат дека мандатот на градоначалниците трае четири години, прават кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата“. Во Кривичниот законик на РМ за ова дело е предвидена казна затвор“, предупредува академик Владо Камбовски во изјава за САКАМАДАКАЖАМ.МК .

    Иницијативите и официјално се поднесени до Уставниот суд, потврди Министерството за локална самоуправа. Судот се уште се нема произнесено кога тие ќе се канаализираат по редовна процедура, кога ќе добијат судија-известител и седница на која ќе се одлучува дали да се прифатат или одбијат.

    „Уставниот суд сега тактизира, следи каква реакција ќе има во јавноста за обидот да излезе од своите ингеренции и да им се обезбеди вечно владеење на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Но, треба да им се каже на уставните судии дека ако направат такво нешто, кривично ќе одговараат“, вели Камбовски.

    Поднесителите од министерствата се техничките министри Валдет Џафери и Ширет Елези од ДУИ. Претседател на Светскиот македонски конгрес е Тодор Петров.

    По овие два поднесока до Уставниот суд реагираше и професорот по управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Борче Давитковски.

    „Иницијативите до Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа со кои се ограничува траењето на мандатот на градоначалниците на 4 години е скандалозна и невидена во демократијата. Нонсенс е Уставниот суд да одлучува за продолжување на мандатот на локалната самоуправа, а не Собранието. Уставниот суд цени дали некој закон е усогласен со Уставот или не“, вели тој.

    Според толкувањето на Министерството за локална самоуправа, најдобра варијанта била Уставниот суд да ги укине одредбите за ограничување на мандатот, со што ќе ѝ се продолжи мандатот на Локалната самоуправа до одржувањето на новите локални избори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира