АКО ГРУЕВСКИ БИЛ ТАТКО НА ДВЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА, ЗОШТО ГИ ОСТАВИ И ПОБЕГНА, РЕАГИРА ВО ЖАЛБАТА ФАТИМЕ ФЕТАИ ПРОТИВ ПРЕСУДАТА ОД 1,5 ГОДИНА ЗАТВОР ЗА НАСИЛСТВО ВО ЦЕНТАР

    АКО ГРУЕВСКИ БИЛ ТАТКО НА ДВЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА, ЗОШТО ГИ ОСТАВИ И ПОБЕГНА, РЕАГИРА ВО ЖАЛБАТА ФАТИМЕ ФЕТАИ ПРОТИВ ПРЕСУДАТА ОД 1,5 ГОДИНА ЗАТВОР ЗА НАСИЛСТВО ВО ЦЕНТАРИзвршувањето на затворската казна од 1 година и 6 месеци на Груевски застарува за само 6 години од правосилноста. - Обвинителката Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката Фатиме Фетаи, незадоволна од изречената затворска казна од 1 година и 6 месеци затвор за избеганиот нарачател и поттикнувач на насилствата во општина Центар Никола Груевски, поднела жалба до Апелациониот суд Скопје.

    Фетаи во жалбата првенствено предупредува дека со толку ниска казна за „настан кој ја посрамоти државата“, судот му овозможува на избеганиот Груевски таа побрзо да застари. Според законот, извршувањето на неговата санкција апсолутно застарува за шест години од правосилноста, па таа констатира дека „по досегашното однесување на Никола Груевски кој повеќе од две години е во бегство, тоа нема да претставува особена тешкотија“.

    Обвинителката бара максимална затворска казна за Груевски за поттикнување на насилствата во општина Центар, а за второобвинетиот Миле Јанакиески и за уште тројца од вкупно шестемина осудени условно, бара ефективни затворски казни.

    Судијата Душан Јосифов од Основниот кривичен суд при изрекувањето на пресудата за овој маратонски судски процес, како олеснителна околност за првообвинетиот Груевски за ниската казна, наведе дека тој е родител на две малолетни деца.

    Фетаи во жалбата прашува ако бил татко на две малолетни деца, зошто ги оставил и побегнал и како може првостепениот суд тоа да го смета за олеснителна околност?

    „Неговиот акт, акт на лице кое побегна и ги остави и сопствените деца, ја минимизира, ако не и целосно неутрализира околноста што Судот ја наоѓа и цени како олеснувачка – дека е татко на две малолетни деца“, протестира Фетаи и за овој момент при носењето на пресудата.

    Таа забележува дека дури и отежителните околности што ги наведе првостепениот суд, дека го искористил својот авторитет како тогашен премиер да го предизвика кршењето на општина Центар, како и тоа што избегал од овој судски процес додека уште траел, судот ги потценил, т.е. не ги ценел доволно.

    Во жалбата Фетаи напоменува дека „обвинетите на државата со овие настани ѝ нанесоа невиден срам. Реагираа амбасадите и ОБСЕ. Во опасност беа не само советниците од СДСМ, туку и новинарите“.

    Има и уште едно предупредување во поднесокот.

    „Впрочем неказнивоста за овој настан досега, на некој начин имплицираше уште поголеми насилства и потешки кривични дела при настаните на 27 април 2017 година во Собранието. А првите двајца обвинети Никола Груевски и Миле Јанакиески кривично се гонат за организатори на нападот на Собранието на 27 април“, наведува обвинителката Фетаи.

    Груевски и Јанакиески ги излажаа нивните поддржувачи дека општина Центар која беше под раководство на СДСМ ќе носи одлука за уривање на црква, а всушност на седница требаше да се турне ДУП-от во Центар и да пропаднат бизнис-интересите на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа осудените како предводници на толпата во два наврата во 2013 година ја нападнаа општината, ја искршија бараката со советниците внатре, доведувајќи ги нивните животи во опасност.

    Петмина од обвинетите уште на почеток си ја признаа вината.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира