АКО ИЗГУБИМЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ МИЦКОСКИ ТРЕБА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ, БОЈКОТ НА ИЗБОРИТЕ БИ ЈА ДОУНИШТИЛ ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА АЕРОДРОМ ИВИЦА КОНЕВСКИ

    АКО ИЗГУБИМЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ МИЦКОСКИ ТРЕБА ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ, БОЈКОТ НА ИЗБОРИТЕ БИ ЈА ДОУНИШТИЛ ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛИ ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА АЕРОДРОМ ИВИЦА КОНЕВСКИИма некои најави дека постои можност за бојкот на претседателските избори, што според мене се многу погрешни. И не дај боже тоа да се случи. Нам не ни е потребен таков бојкот, тоа ќе ја доуништи и така влошена репутација на партијата кај меѓународната заедница, вели Коневски.-(Фото: СДК.МК)

    Доколку ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби претседателските избори во април, одговорноста ќе биде лична на Христијан Мицкоски и тој треба да се повлече од лидерската функција во партијата, вели Ивица Коневски, кој два мандати беше градоначалник на Општина Аеродром.

    Коневски не е меѓу избрканите членови на партија, не е ниту дел од новото раководство, има функција како советник на Мицкоски за Град Скопје. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека е загрижен за состојбите во ВМРО-ДПМНЕ, откако по гласањето за уставни измени беа исклучени дел од членовите на партијата.

    „Многу беше погрешен пристапот на претседателот на партијата Христијан Мицкоски со исклучување на членови. Многу од членовите се дистанцираа од самиот претседател, а има и голем број кои воопшто не доаѓаат во партија само поради тие политики на поделби на предавници и патриоти. Тоа беше погрешен чекор и самата партија ја носи во погрешен правец“, вели Коневски.

    Според него, партијата има поддржувачи и висок рејтинг за разлика од оној на Мицкоски.

    „Рејтингот на претседателот Мицкоски е трипати помал од тој на партијата. Мислам дека претседателот треба да смогне сили да ги обедини сите луѓе без разлика кој од нив му се допаѓа, а кој не, во интерес на партијата, членството, но пред сè во интерес на државата, за да може ВМРО-ДПМНЕ да дојде пак на власт. Треба да му дадеме шанса на Мицкоски за претседателските избори. Јас сум оптимист по природа, но по ова прашање дека тој ќе ги обедини сите, од ден на ден, сум сè поголем песимист. Доколку ги изгуби изборите покрај една ваква катастрофална состојба и власт која ништо не испорачува, поради тоа што нема капацитет да ги обедини сите чинители, одговорноста ќе биде лична на Мицкоски. Заради доброто на партијата и членството, доколку ги изгуби изборите треба да се повлече од лидер“, вели Коневски.

    Како нов лидер на ВМРО-ДМПНЕ Коневски вели дека не се гледа себеси, немал лидерски амбиции и смета дека во партијата има многу квалитетни луѓе кои можат да ја донесат таму каде што припаѓа.

    „Има некои најави дека постои можност за бојкот на претседателските избори, што според мене се многу погрешни. И не дај боже тоа да се случи. Нам не ни е потребен таков бојкот, тоа ќе ја доуништи и така влошена репутација на партијата кај меѓународната заедница. Не би сакал да верувам дека такво нешто ќе се случи. Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 година, а се активирав во 2003 оти имаше концепт на прогресивност, на урбана димензија, на модерна партија, која ќе ја оттргнеме од начинот на водење на Љубчо Георгиевски кој ја носеше во еден правец на радикализација, на еден тежок национализам, што не доликува на партија која треба да ја води Македонија кон ЕУ и НАТО. Сега партијата како да се враќа во тоа време и тие работи не ми се допаѓаат. Потесното раководство околу Мицкоски и самиот тој повеќе гравитираат кон тие политики отколку кон прогресивна, модерна партија. Ние мораме да ги подобриме контактите со меѓународната заедница, да ги тргнеме суетите на страна, да ги екипираме луѓето кои знаечеле и дале придонес во партијата“, вели Коневски.

    Како поранешен градоначалник на Општина Аеродром, Коневски вели дека новите градоначалници потфрлиле кога станува збор за хигиената, не го подобриле јавнот превоз кој е во многу лоша состојба, ниту пак презеле мерки против загадувањето што им било приоритет во изборните кампањи.

    „Покрај чистиот воздух многу е важен и јавниот превоз, кој во моментов не е како што треба. Потребно е решение со кое граѓаните би се откажале од автомобилите. Сега предолго патуваат до своите работни места и затоа го избегнуваат јавниот превоз. Во Скопје е потребно метро. Една линија од Драчево, преку Горно и Долно Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Карпош, Ѓорче Петров и Сарај“, вели Коневски.

    На нашето прашањето зошто додека беа на власт и на централно и на локално ниво изминативе 11 години не почнале таков проект туку потрошија 600 милиони евра за „Скопје 2014“, одговори: „Мислам дека и ние додека бевме на власт требаше да почнеме да спроведуваме таков проект. И кога би имал можност некогаш да учествувам во локалната самоуправа, дали е тоа како градоначалник на Скопје, би бил поборник на вакво решение“.

    Во времето на вториот градоначалнички мандат на Коневски беше донесен Деталниот урбанистички план со кој во зеленилото кај Мајчин дом се вцрта маркичка за зграда. Коневски вели дека тој објект бил предвиден со Генералниот урбанистички план, а Општината плановите ги прави според ГУП-от.

    „Јас сметав дека тука треба да се гради, тоа го кажав и стоев зад мојата одлука. Лесно е да се вети нешто, а тешко е да се каже вистината и да се изгубат политички поени. Не ги изгубив изборите поради тој објект или некои други планови. Нема спорни планови, оној за кој се зборуваше во јавноста за стар Аеродром е донесен по барање на граѓаните заедно со СДСМ. Ако Златко Марин сакаше да ја спречи зградата како што им вети на граѓаните, можеше да ја купи парцелата која кога тој стана градоначаник беше во сопственост на Комерцијална банка и потоа беше продадена на новиот инвеститор за 2 милиони евра. Тие пари ги има Општината, оти во касата оставив 4 милиони евра. Марин постапи спротивно од што ветуваше пред избори и револтот на граѓаните е оправдан“, вели Коневски.

    Коневски смета дека локалните избори ги изгубиле не затоа што граѓаните не биле задоволни од нивната работа, туку градоначалниците биле колатерална штета на сето она што се случувало на политичката сцена на централно ниво.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари