АКО МИЦКОСКИ НЕ ДОГОВАРА НОСЕЊЕ МИГРАНТИ, НЕКА ЈА ПОТПИШЕ НАШАТА РЕЗОЛУЦИЈА И ДА ЈА УСВОИМЕ ВО СОБРАНИЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    АКО МИЦКОСКИ НЕ ДОГОВАРА НОСЕЊЕ МИГРАНТИ, НЕКА ЈА ПОТПИШЕ НАШАТА РЕЗОЛУЦИЈА И ДА ЈА УСВОИМЕ ВО СОБРАНИЕ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕФилипче праша зошто Мицкоски молчи и не ја потпишува резолуцијата ако нема никакви скриени договори за носење на мигранти од Велика Британија. (Фото: СДСМ)

    Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска го повика премиерот Христијан Мицкоски да ја потпише резолуцијата која  ја нуди партијата, со која ќе се гарантира дека во земјава нема да се носат мигранти од Велика Британија.

    „Резолуцијата не е партиско решение туку е државничко и граѓанско прашање. Резолуцијата треба да гарантира дека во Македонија нема да се прифатат мигранти како резултат на тајни договори, разговори, пакети или условени кредити. Уште еднаш ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски да не молчат, да одговорат на нашите повици и заеднички да ја поднесеме и изгласаме резолуцијата во Собранието. Само така ќе бидеме сигурни дека мигранти за пари во Македонија нема да има“, рече Филипче.

    Тој праша зошто Мицкоски молчи и не ја потпишува резолуцијата ако нема никакви скриени договори за носење на мигранти од Велика Британија.

    Премиерот Христијан Мицкоски на 9 декември кажа дека додека е тој претседател на Владата, во Македонија нема да се примат мигранти од Велика Британија. Тој, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не е точно оти со британските власти се разговарало мигрантите кои нема да добијат азил во Велика Британија, да бидат донесени во земјава во мигрантски населби.

    „Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека планираме било какви кампови на илегални мигранти да правиме. Да дојдеме до суштината на тоа што беше во британските медиуми. Тие викаат неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји. Да кажам на македонската јавност дека таква тема не е разговарана и доколку се разговара исто така ќе биде одбиена од наша страна. Разговарано е дека заедно ќе се бориме против илегалната миграција#, рече Мицкоски.

    Британскиот весник „Тајм“, а потоа и „Дејли мејл“ и другите британски медиуми, на 5 декември објавија дека неуспешните баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Македонија според новиот план за намалување на преминувањата низ Ла Манш. Весникот вели дека Македонија влезе во формални разговори со Велика Британија за да биде домаќин на „центар за враќање“ на мигранти наесен. „Тајмс“ вели дека според предлогот, Велика Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, покрај инвестирањето во земјата и помагањето во нејзината безбедност од Русија. Мигрантите потоа би имале можност да побараат азил во Македонија или да добијат работни визи за работа во сектори со недостиг на работна сила. Тие нема да бидат притворени и би имале можност да заминат кога сакаат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира