АКО НЕ СЕ ПОСТИГНЕ ЗАШТЕДА ТЕНДЕРОТ ЗА РЕАГЕНСИ ЌЕ СЕ ПОНИШТИ, ФИРМАТА КОЈА КОНКУРИРАШЕ НЕ ЈА ЗНАМ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    АКО НЕ СЕ ПОСТИГНЕ ЗАШТЕДА ТЕНДЕРОТ ЗА РЕАГЕНСИ ЌЕ СЕ ПОНИШТИ, ФИРМАТА КОЈА КОНКУРИРАШЕ НЕ ЈА ЗНАМ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ„Детали во однос на фирмата не можам да кажам оти не знам. Прв пат читам детали за фирмата од тоа што излезе во јавноста. Не е точно дека спецификациите се правени само една фирма да може да конкурираа на тендерот“, рече министерот Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Ако не биде постигната заштеда на тендерот за набавка на реагенси за крвни анализи вреден 35 милион евра и ако е утврди дека документацијата не е во ред, јавната набавка ќе биде поништена, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

    Министерот Филипче рече дека само една фирма се јавила на тендерот и дека договор уште не склучен оти не е спроведена електронската аукција.

    „Станува збор за тригодишна набавка за тестови и реагенси и затоа проценетата вредност е висока, но заштедата ќе биде голема, според наши проценки околу 20 отсто од она што досега се плаќало. Доколку не се постигне заштеда тендерот ќе биде поништен. Досега годишно за реагенси се трошеле 12 милиони евра, што е многу. Во тендерот е наведено дека операторот треба да обезбеди и транспорт на крв. Доколку се увиди дека документацијата не е во ред и постојат недостатоци според одредбите на Законот за јавни набавки постапката ќе биде поништена“, рече Филипче.

    Одговарајќи на новинарско прашање во однос на фирмата кој конкурирала на тендерот Филипче рече дека не може да каже детали оти не знае.

    Порталот НОВАТВ, повикувајќи се на инсајдерски информации од Министерството за здравство, објави дека единствената фирма што се јавила на тендерот е АХР ЛАБ увоз-извоз  ДООЕЛ Скопје која е формирана на 18 април годинава, а сопствениците се блиски до семејството на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.

    „Детали во однос на фирмата не можам да кажам оти не знам. Прв пат читам детали за фирмата од тоа што излезе во јавноста. Не е точно дека спецификациите се правени само една фирма да може да конкурира на тендерот“, додаде Филипче.

    Евалуацијата на понудата како што кажа Филипче ќе заврши оваа недела, а досега 4 фирми поднеле жалби за набавката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира