АКО ТРЕБА ЌЕ ПРАВИМЕ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ЗА КВАЛИТЕТНИ ЕКОЛОШКИ МЕРКИ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    АКО ТРЕБА ЌЕ ПРАВИМЕ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ ЗА КВАЛИТЕТНИ ЕКОЛОШКИ МЕРКИ, ВЕЛИ ЗАЕВВоздухот во Скопје е еден од најзагадените во Европа - плакат во близината на Градскиот парк (Фото: М.Златевска)

    Владата е подготвена да направи реалокација на средства или ребаланс на буџетот за заштита на животната средина, е еден од заклучоците од синоќешната средба меѓу премиерот Зоран Заев, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули и претставници од граѓанската иницијатива „О2 коалиција за чист воздух“ и други еколошки граѓански организации, активисти и поединци.

    Според информациите од Владата и граѓаните и премиерот се согласиле дека буџетот нема да биде фиксен и дека ако има квалитетни решенија за намалување на загадувањето на животната средина ќе бидат пренаменети пари за реализација на квалитетни еколошки мерки.

    „Во делот на рудниците, заеднички е констатирано дека здравјето на граѓаните е врвен приоритет и дека во моментов се работи на наоѓање правно-формални аргументи и механизми за решавање на проблемот, за да се заштити животната средина, а во исто време ќе се обезбеди и интересот на државата“, соопшти Владта.

    На средбата разговарале за 16 жешки точки,  кои ја загрозуваат животната средина во Македонија и за мерките кои се предлагаат: гасификација, десулфуризација, субвенции за фотоволтаици, енергетски фасади, планско пошумување, зголемување на зелените површини во урбаните средини, зголемување на буџетот за Iнспекторатот за животна средина, пречистителни станици, заштита на Охридското Езеро од неконтролиран развој на туризмот, изградба на ветерници, мерните станици, решавање на проблемот со депониите.

    Граѓанските организации вчера, пред состанокот со премиерот, најавија дека ако не бидат прифатени нивните барања за редистрибуција на буџетски средства за заштита на животната средина, ќе преземат правни чекори против Република Македонија за кршење на ратификуваните конвенции, Устав, човекови права и правата на децата.

    „Ако заштита на животната средина, како и досега, остане маргинализирана , ќе ја известиме канцеларијата на Високиот комесар за човекови прaв при ОН, ќе поднесеме жалба до Комитетот за човековите права при ОН, ќе го повикаме специјалниот известувач за импликациите по човековите права на еколошки здравото управување и депонирање на опасните супстанци и отпадот и Специјалниот известувач за човековите права и животна средина, при ОН, за утврдување на кршење на човековите парава“, велат од „О2 коалиција за чист воздух“ .

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира