Дождот не беше пречка и оваа сабота да протестираат семејствата, блиските, пријателите, роднините на 62 загинати и 200 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март. Денешниот беше четврти протест под мотото „Задоцнета реакција“ и се одвиваше по улиците на градот, пред општинската зграда, пред СВР Кочани и заврши пред Основниот суд. Со фотографии од починатите деца, тие ја прозваа совеста кај надлежните и го вперија прстот во МВР.
„Сите вие кои сте одговорни за системот во државата, кои мудро ја одбегнувате одговорноста за најголемата трагедија од европски рамки што се случи во Кочани, ние родителите на починатите деца би сакале барем за миг да бидете во нашата кожа, да може да ја почувствувате раскинувачката болка која ние ја чувствуваме, можеби тогаш ќе ја почувствувавте сериозноста и болната ситуација во која се наоѓаме. Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници на монструмот ако убиените деца беа ваши деца? Правда мора да има и сите соучесници на монструмот мора да одговараат пред законот“, рече една од мајките и рече кажа нема да престанат во барање на правдата.

Бараме од вас, МВР, одговорност за прерано згаснатите животи на нашите деца, рекоа на протестот во Кочани. (Фото: Ѓ. Личовски)
„Се прашуваме, ако вие не сте надлежни за нашата безбедност, тогаш кој е? Имате ли доблест да ја признаете вината за таа кобна ноќ, или тоа не ве учеле кога си ги купувавте дипломите? Секоја сабота нашиот марш е уредно пријавен во полиција, болница, пожарна. Дали концертот на ‘ДНК’, монструмот го пријавил таа кобна ноќ кај надлежните? Дали таа вечер вие, полицијата требаше да бидете таму? Ништо тие деца не прогрешиле што отишле на концертот, но не знаеле како функционираат работите во т.н. дискотека – шталата на смртта. Отпосле дознаваме дека таа била дувло за многу нелегални работи. Дали се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите невини, кутри деца, со нивниот прерано одземен живот? Зошто не ја контролиравте работа на монструмот и имало трипати повеќе присутни од капацитетот. Бараме од вас, МВР, одговорност за прерано згаснатите животи на нашите деца. Ставете се 5 минути во нашата кожа. Можеби други ве аменстирале, ама ние не“, кажа мајката на починатиот моторист Павел Христов од Кочани.
Утре (27 април) во негова чест ќе има голем мото збир во Кочани на мотористи од Македонија, што била негова голема животна желба.
„Поставувам директно прашање до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност и другите институции, кој дозволи да ги убијат нашите ангели? Кој потпишува документ дека децата ни се безбедни на јавни простори и собири? Здравиот разум размислува што потпишува, нечесниот и алчниот потпишува без да се плаши пред судот божји. Ние како мајки не се плашиме да ве прашаме, дајте ни одговори“, кажа мајка на девојче загинато во пожарот.
„Ова е мојата ќерка Ивона, сакаше да стане моден дизајнер. Јас сум нејзината мајка, единствената жена пожарникар доброволец во Кочани. Зошто таа вечер не ми се јавија да дојдам да гаснам пожар како што сум правела 48 пати досега? Мојата ќерка почина во болница. Сопругот ја најде покриена со кебе, со едната нога тргната да стане. Којзнае дали ѝ дале кислородна поддршка. Ние ја баравме во Кочани, па ни рекоа дека е во Штип, па во Скопје на КАРИЛ, а таа цело време била во Кочани. Уште беше топла кога ја најде сопругот“, рече Стојка Антова.
Мајките говореа дека не се плашат од никого да зборат јавно, да бараат правда, а една мајка кажа дека на родителите на малолетните деца им се закануваат дека кривично ќе одговараат, а ќе одговараат и децата кои го демолираа кафулето на сопственикот на „Пулс“.

Мајките говореа дека не се плашат од никого да зборат јавно, да бараат правда, а една мајка кажа дека на родителите на малолетните деца им се закануваат дека кривично ќе одговараат, а ќе одговараат и децата кои го демолираа кафулето на сопственикот на „Пулс“. (Фото: Ѓ. Личовски)
„Полицајците стоеле на врата и не ги пуштале да излегуваат. Им викале: ‘Каде вие’. Ни се закануваат да не зборуваме многу“, кажа друга мајка.
Трета мајка луто посочи пример какви се полицајци се примаат на работа.
„Пред два дена, на поменот на 40 дена на гробишта ни испратиле полицец обезебдување, помал, понизок од се. Како е тој примен во полиција, како тој ги поминал критериумите. Каде има корупција? Ноќта во 2,30 часот кога влегов во дискотеката да си го најдам детето, претурав преку трупови за да го најдам дали е живо или мртво. Таа слика нема да ми излезе од главата“, рече мајката.
Мајките на Иван Величков и Андреј Панов ја поделија тагата со присутните и кажаа дека нивните синови имале обезебедно работа како угостители во Хрватска и требало на 1 април да заминат.
„Тие двајцата беа најдобри другари и братучеди. Заедно работеа и иднината ја бараа во Хрватска, пак требаше годинава да одат, но не заминаа. Но нашата држава ги закопа, нема да ѝ простиме, нема да има прошка за никого“, рече мајката на Андреј Панов.
Таткото на Андреј Стојанов раскажа за трагедијата на неговиот син.
„Тој беше другар со фудбалерот Андреј Лазаров. Заедно беа таа вечер, дојдоа од Скопје, синот беше програмер во тамошна фирма. Беа полни со енергија, со живот, заедно починаа. Подоцна загина уште едно нивно другараче, од последиците од пожарот“, рече таткото.
Присутните родители побараа во чест на нивните загинати деца и бројните завиени во црно домови и семејства достојно да се заврши истрагата.
Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, а повредени беа 193, од кои 25 деца. Во странство остануваат хоспитализирани 33 повредени, а во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти.
Во организација на граѓанската иницијатива „Support Kocani“, вечерва од 17 часот во кочанскиот културен центар „Бели мугри“ ќе се оддржи аукција со јавно наддавање на уметнички дела донирани од уметници од земјава за помош на жртвите и повредените во кочанската трагедија. Сите дела се јавно изложени на изложбата што се отвори на 23 април во „Бели мугри“, а по завршувањето на аукцијата ќе бидат изложени со цената по која се купени и нивниот нов сопственик уште неколку денови. Сите средства од хуманитарната аукција ќе бидат транспарентно донирани преку страната на инцијативата.
На 4 мај, во знак на почит кон загинатите во Кочани ќе се одржи велосипедска тура „62 километри“, ќе се вози по стариот пат во правец на Штип и назад, во должина од 62 километри.
Вчера, германските пожарникари од покраината Баварија, заедно со Германската амбасада донираа противпожарно возило и опрема за Доброволното противпожарно друштво од Кочани.Во донацијата се три илјади заштитни панталони, шлемови, ракавици и 300 пара чизми. Германските пожарникари рекоа дека земале одмор за да минат 1.600 км и да ја врачат донацијата.
Основното јавно обвинителство Кочани преку локалните медиуми ги информираше родителите на починатите и на повредените, дека нивното сослушување за потребите на истрагата ќе започне после 1 мај. Бидејќи има голем број на лица за сослушување, деталите за распоредот дополнително ќе биде објавен.
Вчера, поранешниот командир и двајца инспектори во Полициската станица Кочани добија кривични пријави во врска со кочанската дискотека „Пулс“. Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека иако знаеле дека фирмата ДПТУ „Класик ДМ“ ДОО Кочани е неактивна, а дискотеката ја управува друга фирма, ѝ поднеле прекршочна пријава за прекршување на јавниот ред и мир.
Над 60 лица досега се под истрага за пожарот. Под истрага се сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.
Б. НЕСТОРОСКА