Актерката Силвија Стојановска била вмешана во трговија со кокаин набавен во Колумбија и внесен во Мадрид, Шпанија. Апсењето на Стојановски и нејзиниот сопруг В.Б. во Скопје на 19 декември е дел од меѓународна акција која ја спроведувала шпанската полиција заедно со Службата за борба против трговија со дрога на Соединетите Американски Држави-ДЕА, во која во Шпанија е уапсен и братот на сопругот на Стојановска.
„Како дел од меѓународна криминална мрежа од Колумбија и Белгија, членовите на оваа група по инструкции на лидерот на групата организирале транспорт на вкупно 700 килограми кокаин од Колумбија до Шпанија. Членовите на организирана криминална група на лице идентификувано како ’капетан на брод‘ му исплатиле 850.000 евра како дел од сумата договорена за транспорт на кокаинот од Колумбија до Шпанија“, кажа на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Целата меѓународна операција била координирана од полициски штабови поставени во Шпанија и Скопје.
„Лидер на оваа група е првопријавениот В.Б., кој заради впишана забрана за патување во земјите од ЕУ, го ангажирал неговиот брат резидент на Белгија. Од јуни до декември остварувале редовни контакти за договарање на сите детали за пренос на кокаинот. Откако биле договорени сите детали, на почетокот на декември С.С. по инструкции на нејзинито партнер В.Б. резервирала апартман во Мадрид на име на неговиот брат и истиот го платила со сопствена кредитна картичка. С.С. во октомври отпатувала во Мадрид преку Софија, за во име на нејзиниот сопруг од непознат шпански државјанин да подигне 10.000 евра, најверојатно за криминални активности на оваа мрежа“, кажа Спасовски.
Криминалната група имала средби во Скопје, Канкун, Дубаи, Србија и преку интернет комуникација со висока заштита.
Јавниот обвинител Маја Коневска кажа дека во рамките на истрагата бил спроведен претрес на две локации во Скопје, при што се најдени доволно докази да се докаже основно сомневање за вмешаноста на двајцата приведени лица за недозволена трговија со дрога.
Актерката и нејзиниот сопруг беа уапсен на 19 декември и спроведени кај судија на претходна постапка. На Стојановска и беше одредена мерка домашен притвор, на сопругот мерка притвор.
А. АНТЕВСКА