АКЦИЗАТА ЗА НАФТА СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗА ДА СЕ ВРАТАТ ДОЛГОВИТЕ ЗА БАРОКНИ ЗГРАДИ, МУЗЕИ И СПОМЕНИЦИ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    АКЦИЗАТА ЗА НАФТА СЕ ЗГОЛЕМУВА ЗА ДА СЕ ВРАТАТ ДОЛГОВИТЕ ЗА БАРОКНИ ЗГРАДИ, МУЗЕИ И СПОМЕНИЦИ, ВЕЛИ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев вели дека буџетот ќе се полни со зголемување на наплатата на данокот и со инвестиции и нема да се зголемуваат давачките, освен акцизата за нафтата. Тој денеска одговара на пратенички прашања во Парламентот.

    „Само се зголемува акцизата за нафтата, не и за дериватите. Тоа се прави за да се вратат 120 милиони евра долг од претходната влада кои беа непотребни, за згради, споменици, музеи, и тоа сега што се доспеани. Претходно се работело само за згради и бронза, преку 700 милиони евра, кои се непродуктивен трошок“, одговори Заев на пратеничкото прашање на Илија Димовски зошто Буџетот е поголем од претходниот, за кој што СДСМ тврдеше дека околу 500 милиони ева од тој буџет се крадел.

    Премиерот Заев рече дека досега се заштедени 50 милиони евра, преку кратење на непотребни трошоци.

    „Во Буџетот се предвидени 1 милијарда и 300 милиони денари за плаќање долгови. Здравствените институции должат 60 милиони евра,  за проектот „Скопје 2014“ засега се доспеани 130 милиони евра, уште доспеваат“, рече Заев.

    Заев рече и дека мерката за враќање на 15 отсто од данокот на додадена вредност кај граѓаните ќе се спроведе.

    „Граѓаните со плаќањето на сметките го плаќа Данокот на додадена вредност, кој пак не се уплаќа во буџетот.  Фирмите ќе мора да издаваат сметки, со што ќе се анулира даночната евазија.  Евазијата според проценките е 30 отсто, или од 1 милијарда евра промет, изнесува околу  300 милиони евра. Задоволен ќе бидам ако мерката е 50 отсто успешна. Со тоа и буџетот ќе се зголеми, а и значителни средства ќе се вратат кај граѓаните“, рече премиерот Заев.

    Тој кажа дека  во втората половина на 2018 година во два региони на Дирекцијата на Управата за приходи  ќе се спроведе примерок за практична  имплементација на мерката.

    „Ќе ги слушнеме граѓаните, ќе ги видиме слабостите и предностите. Јас сакам  во 2018 година тоа да се имплементира. Ако се покажат успешно, во 2019 година секаде ќе се спроведе“, рече Заев.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира