АЛАЃОЗОВСКИ ГИ РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРИТЕ ДИМИТРОВ И ЖУЃИЌ

    АЛАЃОЗОВСКИ ГИ РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРИТЕ ДИМИТРОВ И ЖУЃИЌДиректорот на Детски театар Братислав Димитров беше активен во Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), директорката на Театар Комедија Јелена Жугиќ лани на Фејсбук повика полицијата да пука со гумени куршуми врз демонстрантите на Шарената револуција (Фото: СДК.МК)

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска ги разреши директорите на Театар за деца и младинци Братислав Димитров,  и на  Театар Комедија Јелена Жугиќ. Актерката Катарина Илиевска – Силјановска е именувана за вршителка на должноста директор во Театарот за деца и младинци, а Мирјана Поповска – Ристов е на истата функција во Театар Комедија.

    „Единствена цел на назначувањето на в.д директори е итно да се ослободат клучните институции, кои беа заробени од кадри што се под целосна контрола на Никола Груевски, кадри врз основа на кои се штимале систематизацијата и критериумите. Во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори. Потоа, веднаш штом за тоа се исполнат законските услови, Министерството за култура, низ еден целосно отворен и транспарентен процес, ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување на нови директори, на кои сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе можат да ги предложат нивните програми и визии за департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции во Република Македонија“, соопшти Министерството за култура.

    Димитров и Жугиќ беа меѓу најистакнатите јавни личности од културата, кои последниве две години беа во првите редови на граѓанските иницијативи што во име на таканаречената „одбрана на Македонија“. Нивните пароли и тези беа во одбрана на политиките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ги застапуваа ставовите што оваа политичка партија ги пропагираше во изминативе години на изразена политичка криза во земјата.

    Драматургот Братислав Димитров од 2015 беше директор на Театарот за деца и младинци. Тој е член на управните одбори на тетарските фестивали „Војдан Чернодрински“ и на Фестивалот на комедија во Куманово. Беше активен во Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ). Со режисерот Јани Бојаџи на неколку години се менуваат во жирито на „Чернодрински“, каде што редовен претседател е писателот Васе Манчев. Димитров на овој фестивал пред 4 години е награден за текстот „Ноќите во бел сатен“ изведен во Велешкиот тетатар. На отворен конкурс Димитров победи, и со неговата комедија „Најважната работа на светот“ во 2014-та година беше отворена и новата зграда на театарот во Велес, а режисер беше Љубиша Георгиевски. Претставата не доживеа ни пет изведби.

    Меѓу оние кои се гласно и посветено на страната на политиките на ВМРО ДПМНЕ е и актерката Јелена Жугиќ која беше директорка на театар Комедија од неговото основање, а под оваа институција е и фестивалот „Гола месечина“ што се одржува во Општина Аеродром. Жугиќ лани на Фејсбук повика полицијата да пука со гумени куршуми врз демонстрантите на Шарената револуција, а изјави и дека родителите на Тамара се криви за нејзината смрт.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира