Директорот на Институтот за имунобиологија д-р Александар Петличковски е нов претседател на Комисијата за заразни болести. Петличковски доаѓа на местото на д-р Жарко Караџовски, кој останува да биде член на новата Комисијата која беше избрана денеска. Комисијата сега, како што кажа министерот за здравство Беким Сали, покрај со досегашните членови е надградена со нови, а за портпарол е назначен д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје.
Комисијата ќе се состанува еднаш неделно.
Претседателот на Комисијата д-р Петличковски, кажа дека новиот состав ќе ги следи научните сознанија за коронавирусот.
„Ние нема да работиме на принцип – во Англија се фрлија маските па и ние ќе ги фрлиме. Во Македонија условите се специфични и затоа не може еднострано да се прифаќаат одлуки. Денес имавме дискусија за почетокот на учебната година, скринингот во училиштата, за употребата на сертификатите и набрзо ќе излеземе со првите препораки. Се надеваме дека релативно кратко ќе трае ситуацијата и потребата за чести состаноци“, рече Петличковски.
Тој кажа дека и во второто полугодие ќе се врши скриниг во училиштата со брзи тестови. Последните анализи покажале дека стапката на инфицирани од 12 до 18 години е мала, па затоа било одлучено да се продолжи наставата со физичко присуство.
Д-р Мехмедовиќ кажа дека ковид сертификатите не треба да се укинат особено зашто се наоѓаме во зимски период, со голем број инфицирани, а мал процент на вакцинирано население.
„Ако сега направиме таков радикален чекор, тоа ќе биде нешто што значително ќе го оптовари здравствениот систем и таа мерка би била контрапродуктивна. Затоа, засега нема да се разгледува“, кажа Мехмедовиќ.
Покрај Петличковски и Мехмедовиќ членови на Комисијата се докторите Кристина Ставридис од Институт за јавно здравје (ИЈЗ), Шабан Мемети од ИЈЗ, Калина Гривчева-Старделова, Невзат Елези од Универзитетот во Тетово, Дугаџин Османи и Жарко Караџовски од ИЈЗ, Иринка Сотирова-Бухова, директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), Кристина Ставриќ од Клиника за детски болести, Милена Стевановиќ, директорка на Инфективна клиника, Звонко Миленовиќ, Фадиљ Цана, научен соработник Марија Динзова и Илир Демири од Инфективна клиника. Во Комисијата членови се и Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје, Билјана Деспотовска-Ристовска од ДЗСИ, Ниќо Беќаровски од Клиника за токсикологија, Арбен Лабуништа Клиника за белодробни заболувања, Марија Дуганова од Градска општа болница „8 Септември“, Марија Маневска од Министерство за здравство, Јованка Костовска специјалист-епидемиолог, Златко Арсениовски од Центар за јавно здравје, Драган Ѓорѓиевски, претставник на Здружение на лекари по општа и семејна медицина, Грета Николовска, претставник од Агенција за храна и ветеринарство и Марија Милкова од Центар за управување и кризи.
А. АНТЕВСКА