„Алкалоид“ АД Скопје кон крајот на минатата година преку планот за економски раст доби државна помош од 35,2 милиони денари (околу 560 илјади евра) за поддршка на нов инвестициски проект, кажа денес кажа премиерот Зоран Заев при посетата на компанијата, и рече дека со неа потпишале 5-годишен договор и оти моделот за поддршка на домашните компании се покажал успешен.
„Компанијата има над 2.000 вреаботени и просечната нето плата по вработен е над 44.600 денари, или над 700 евра. Изминатата 2018 година компанијата реализирала 212 нови вработувања и инвестиции од над 17 милиони евра“, рече Заев.
Генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов рече дека минатата година ја завршиле со вкупни продажби од над 159 милиони евра и дека за прв пат ја надминале бројката од над 100 милиони евра за извоз.
„Друга за нас многу важна работа е што во последните 20 години инвестиравме над 200 милиони евра и ова е прв случај да добиеме помош од државата за она што го инвестираме во континуитет. Договорот кој го потпишавме со државата е дека во рок од 5 години треба да инвестираме над 50 милиони евра во нови погони, во нова опрема, во нови едукации за нашите вработени. Врз база на она што го инвестираме, ако ги исполниме и останатите критериуми кои стојат во договорот, може да сметаме на помош од државата која максимално би се ограничила на сума од околу еден милион евра“, рече Мукаетов.
Според него, важна е синергијата меѓу владата од една страна и економијата од друга страна, бидејќи со помошта што ја добиваат растат како компанија, а државата може да сметз на раст на економијата преку растот на македонските компании.
Заев кажа дека лани во земјава имало рекордни странски инвестиции од над 624 милиони евра, а во последниот 4. квартал од 2018 странските директни инвестиции биле над 311 милиони евра.
„Лани над 250 компании добија финансиска поддршка преку планот за еконмски раст. Во 2019 година очекуваме тој број да се зголемува“. рече Заев.
Е. БОЧВАРОСКА