АМЕРИКА Е ЗАДОВОЛНА ОД РАЗГОВОРИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ

    АМЕРИКА Е ЗАДОВОЛНА ОД РАЗГОВОРИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУАмериканската амбасадорка Кејт Брнз. (Фото: СДК.МК)

    Американската амбасадорка во Скопје Кејт Брнз вели дека САД гледаат позитивен пат напред и се задоволни од разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија за одблокирање на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

    „На состанокот со Зоран Заев, нагласив дека го цениме нашето билатерално партнерство со Северна Македонија и сакаме да ги видиме пристапните преговори со ЕУ што е можно побрзо. Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Бугарија и Северна Македонија за да се придвижат напред евроинтеграциите на Северна Македонија“, напиша амбасадорката Брнз на Твитер по средбата со македонскиот премиер.

    Заев вчера имаше средба и со германскиот министер за Европа Михаел Рот, на која македонскиот премиер му се заблагодари за сите напори кои што ги вложи германското претседателство со ЕУ во својот мандат, но и за сегашните напори, чија што цел е одржување на првата меѓувладина конференција во рамките на португалското претседателство.

    Рот имаше средба и со вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. По средбата, двајцата имаа заедничка прес-конференција, на која германскиот министер рече дека има шанса уште во јуни да се дојде до решение за спорот меѓу Македонија и Бугарија, прифатено од сите засегнати страни. Тој кажа и дека нема проблем меѓу ЕУ и Македонија, туку има билатерален проблем и тој билатерален проблем треба да се реши меѓу двете земји и ако притоа тие можат да помогнат, ќе го направат тоа.

    Паралелно со овие средби, денеска куса средба на Скопскиот аеродром имаа претседателите на Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев, кои потоа заедно заминаа во Рим на чествување на светите браќа Кирил и Методиј.

    Радев завчера во Брисел изјави дека Бугарија периодов станале многу интересна за сите европски лидери и со него средби бараат премиери, претседатели и еврокомесари, одговарајќи на новинарско прашање за односите со Македонија.

    „Кон Бугарија има огромно внимание, нема да го кажам зборот притисок. Но, да не заборавиме, Бугарија е земјата членка на ЕУ и тоа значи многу“, кажа Радев.

    Како што кажа Димитров вчера на прес-конференција со Рот, во тек се дипломатски активности и не може да открива детали околу разговорите, но и тој и германскиот министер кажаа дека го поддржуваат португалскиот предлог за решавање на историскиот спор меѓу Македонија и Бугарија.

    Португалскиот предлог се базира на договореното од разговорите во Берлин минатата година меѓу Димитров и тогашната бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Тогаш, Бугарија не го прифати договореното од средбата во Берлин.

    Конечната одлуката за почеток на пристапните преговори за Македонија треба да ја донесе Европскиот совет на состанокот на 24-25 јуни.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира