АМНЕСТИИТЕ НА ИВАНОВ НЕ СЕ ВРАЌААТ ВО ЖИВОТ, ОДЛУЧИ УСТАВНИОТ СУД, СЕ ПИШУВА ОДГОВОРОТ ДО СУДОТ ВО СТРАЗБУР

    АМНЕСТИИТЕ НА ИВАНОВ НЕ СЕ ВРАЌААТ ВО ЖИВОТ, ОДЛУЧИ УСТАВНИОТ СУД, СЕ ПИШУВА ОДГОВОРОТ ДО СУДОТ ВО СТРАЗБУРНеофицијално, во одговорот до Стразбур државата преку својот агент односно адвокат, ќе наведе дека поранешниот претседател Ѓорге Иванов незаконски амнестирал, а во прилог ќе биде испратен заклучокот на законодавно-правната комисија на Собранието за непостоечкиот член 11 со кој ја прогласи контроверзната амнестија. (Фото:СДК.МК)

    Повлекувањето на дадените амнестии од експретседателот Ѓорге Иванов на вистинските и претпоставените осомничени во случаите на СЈО, објавено на 20 мај 2016 година, е уставно и во ред, одлучи денеска Уставниот суд.

    Со тоа, повлечените амнестии на Иванов важат, одлучија уставните судии со 5 спрема 3 во гласови.

    Иванов првин на 12 април по непостоечки член 11 од законот за помилување, ги амнестираше повеќето од можните осомничени од кривичните пријави кои тогаш опозициониот СДСМ ги поднесуваше кај Марко Зврлевски и сегашниот судија од Стразбур Јован Илиевски. Целата јавност се чудеше откај ги дознал Иванов имињата во тие тајни и уште непочнати истражни постапки.

    Потоа, кога навистина некои од нив беа осомничени од СЈО, како Никола Груевски, Сашо Мијалков и други, Собранието со високо мнозинство од скоро сите пратеници, изгласа член 11-а според кој, помилуваните лица од Иванов без да ги праша, по негова лична желба, може да побараат тој да ги повлече амнестиите дадени без нивна дозвола, и на суд да докажат дека се невини.

    Со помош на тој член, неуставно амнестираниот Груевки и соработниците, еден по еден побараа да им бидат повлечени амнестиите и невиноста да ја докажат пред судовите.

    Во меѓувреме, собраниската законодавно-правна комисија заклучи дека нема потреба ни таа, ни Собранието да расправаат за уставноста на член 11, или во превод за уставноста на амнестиите на Иванов, зашто кога амнестирал, тој член не постоел на хартија, во законот за помилување, никаде. Комисијата процени дека амнестијата била незаконска тотално, и нема да расправа за нешто што не постои во законот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека токму ова ќе биде главната одбрана на Република Северна Македонија тужена пред Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур, од обвинетите од СЈО, кои се премислија за амнестијата. Првин тие побараа Иванов да ги повлече амнестиите што им ги даде, па кога ВМРО-ДПМНЕ изгуби на изборите во 2016 година, го сменија мислењето и пред судовите се повикаа на дадената амнестија што побараа Иванов да ја повлече.

    Неофицијално, во одговорот до Стразбур државата преку својот агент односно адвокат, ќе наведе дека поранешниот претседател Ѓорге Иванов незаконски амнестирал, а во прилог ќе биде испратен заклучокот на законодавно-правната комисија на Собранието за непостоечкиот член 11.

    Агентот според нашите сознанија за да го финишира одговорот на тужбата, го чекал и денешното изјаснување на Уставниот суд, според кој, се запира постапката која требаше да ги врати во живот дадените амнестии од Иванов.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира