Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ) открија иранска застапничка (прокси) мрежа која планирала терористички напад. Како што кажаа на денешната прес-конференција директорот на АНБ Бојан Христовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, од почетокот на 2026 година во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, преземени се активности за разоткривање на намери и планови на лица надоврзани на странски/ирански фактори, за извршување на терористички акти.
„Во таа насок,а Агенцијата презеде сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси-мрежа од земјава надоврзана на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Мабанех, издиференциран како лице поврзано со други прокси-актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и негова поврзаност со наркобосот Наџи Шарифи Зиндашти. Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаа подготвителни логистички активности за извршување на атентат врз лице во Грција“, кажа директорот на АНБ Христовски.
Христовски рече дека во координација и размена со странски партнерски служби беше разоткриен нивниот начин на делување за одржување конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција.
„Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси-актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно истиот е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби.Ваквите конекции, како и фактот дека изминатиот период повеќе земји се соочија со терористички закани и напади од страна на ирански прокси актери, е во корелација со обидите на иранските разузнавачки служби за нивно затскривање преку криминални прокси мрежи во трети земји, вклучително и Македонија“, кажа Христовски.
Во акцијата биле опфатени шест лица. На четири лица им е одреден притвор, на едно куќен притвор, додека шестото лице сè уште не е достапно и по него се трага.



