АНТИКОРУПЦИОНЕРКАТА КОЈА НЕ ДАВА ОСТАВКА ЛАНИ ПОТРОШИЛА 37 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ ЗА ТАКСИ ЗА ДА ДОАЃА НА РАБОТА

    АНТИКОРУПЦИОНЕРКАТА КОЈА НЕ ДАВА ОСТАВКА ЛАНИ ПОТРОШИЛА 37 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ ЗА ТАКСИ ЗА ДА ДОАЃА НА РАБОТАЧленовите на комисијата не се евидентирале кога доаѓаат на работа, иако тие се вработени лица на кои им се исплаќа бруто плата и секој ден треба да доаѓаат на работното место. - Од седница на Антикорупциската комисија (Фото: СДК.МК)

    Петмина од седум членови на Антикорупциската комисија, вклучувајќи го претседателот Игор Тантуровски, поднесоа оставки неделава по серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК за неправилности во работата на комисијата, забележани при внатрешната ревизија извршена од страна на УЈП. Преостанатите двајца антикорупционери, Најдо Спасевски и Сузана Таскова Аџикотарева, немаат намера да поднесат оставка, бидејќи, како што дознава САКАМДАКАЖАМ. МК, сметаат дека во ревизорскиот извештај немало ништо за нив.

    Ревизорскиот извештај, од кој што објавивме забелешки и препораки, се однесува на 2016 година.

    Но, Таскова Аџикотарева во 2017 година наплатила 37.641 денар за такси само за доаѓање на работа, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, од евиденцијата во службите на ДКСК. Таа е рекордер во трошење за такси превоз, кој вработени во Комисијата го користат за службени цели во тек на работното време, но не и за доаѓање на работа. Нејзините колеги потрошиле помеѓу 2.000 и 10.000 денари, а двајца од нив никогаш не користеле такси превоз.

    Другиот член на Комисијата Најдо Спасевски, кој исто како и колешката Таскова – Аџикотарева немал намера да даде оставка, затоа што не се препознал во наводите на ревизорскиот извештај не присуствувал на најмалку 50 одржани седници. За него нема евиденција дали воопшто доаѓал и на работа затоа што за членовите не се водела електронска евиденција за редовност. Членовите на комисијата, за разлика од службите не се евидентирале кога доаѓаат на работа, како што беше нотирано и во ревизорскиот извештај на УЈП.

    За Спасевски записнички е констатирано дека не бил на најмалку 50, од одржаните 250 седници на Комисијата во овој состав, а при тоа не приложил образложение зошто бил спречен да присуствува.

    На 24 август 2017 година, САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека Антикорупциска комисија распиша тендер за такси услуги во вредност од 3.000 евра, без ДДВ. Како место на „испорака на стоките или извршување на услугите, или локација на извршување на работите“ во огласот беше наведено Скопје, но и релацијата Скопје – Аеродром „Александар Велики“ и обратно во период од 12 месеци, а извршителот на услугата треба да стои на располагање 24/7.

    Тогаш, САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до лицето одредено за контакт во врска со тендерот, како и до портпаролката на Комисијата, но тие не одговараа на телефонските повици. На лицето за контакт му испративме и прашања на мејл, но одговор не добивме зошто ќе се троши толкава сума за такси услуги на оваа институција, кој ќе се вози со такси, што ќе се превезува, за какви услуги и потреби ќе се користат тие такси возила.

    Покрај такси услугите, како што откри внатрешната ревизија, на членовите им се одобрувале и трошоци за приватно возило за службени цели.

    Според изворите на САКАМДАКАЖАМ.МК Комисијата имала изнајмено и сала за вежбање, за аеробик, или за јога, во зависност од желбите и потребите за рекреација на членовите и вработените во Комисијата. Бидејќи салата најверојатно била изнајмена за помалку од 500 евра, за неа според законот немало оглас за јавна набавка и за тоа не постојат записи во Ревизорскиот извештај. Извори во Комисијата тврдат дека некои членови доаѓале на работа само кога им бил терминот за вежбање, затоа што ги гледале со спортска опрема и само кога имале закажано седница, но не и во редовното работно време.

    Во Комисијата никој официјално не ја потврдува информацијата за вежбањето, затоа што никој не одговара на новинарски прашања.

     

    М. ИЛИОСКИ

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари