АНТИКОРУПЦИСКА ВРЕМЕНО ГО СОПРЕ СВОЈОТ ПРЕДМЕТ ЗА ИЗБОРОТ НА РЕКТОР НА УКИМ ОТИ НЕ РАБОТИ РЕКТОРАТОТ

    АНТИКОРУПЦИСКА ВРЕМЕНО ГО СОПРЕ СВОЈОТ ПРЕДМЕТ ЗА ИЗБОРОТ НА РЕКТОР НА УКИМ ОТИ НЕ РАБОТИ РЕКТОРАТОТГласањето на УКИМ беше на 26 јуни, а досегашниот ректор Никола Јанкуловски беше реизбран за уште еден четиригодишен мандат. (Фото: УКИМ)

    Државната комисија за спречување на коруцпија (ДКСК) на денешната седница ја запре постапката почната по своја иницијатива за спроведените избори за нов ректор на Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

    Антикорупциска појасни дека „Постапката по овој предмет е запрена поради ограничените рокови утврдени во членот 33, по кој истата беше поведена. Постапувањето во врска со наведените сомневања ќе продолжи како редовна постапка“.

    Комисијата го запре предметот, кој пред пет дена го отворила по сопствена иницијатива, за постоење на сомневање за прекршување на членот 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик во постапката за избор на ректор на Универзитетот, бидејќи нема основни услови заради состојбата со коронавирусот за доставување уредна достава на уредба до Ректоратот и до ректорот, што е еден од основните услови за понатамошно постапување согласно законските прописи.

    Членовите на комисијата на седницата рекоа дека од нивна страна се обиделе да достават уредба на лице место, но Ректоратот бил затворен поради состојбите со ковид-19.

    Гласањето на УКИМ беше на 26 јуни, а досегашниот ректор Никола Јанкуловски беше реизбран за уште еден тригодишен мандат.

    Предметот се однесува на тоа дали е прекршен Изборниот законик со тоа што изборот за ректор се спроведувааше во период кога беа распишани парламентарните избори.

    „Иако во определениот рок беше изготвено писмено известување и се направи обид да се достави до Ректоратот и до ректорот, ние не успеавме да го доставиме. Беше отидено на лице место, но Ректоратот беше затворен со образложение дека не работат поради условите создадени со коронавирусот. Со необезбедувањето на уредна достава не можеме да го обезбедиме еден од основните елементи на ова постапување, а тоа е контрадикторноста на постапката“, рекоа членовите на Антикорупциска.

    Изминативе месеци имаше повеќе реакции околку изборот на ректор на УКИМ, откако Јанкуловски ги распиша изборите. Тројцата проректори на скопскиот Универзитет, проф. д-р Вујица Живковиќ, проф. д-р Гордана Јосифова-Неделкова и проф. д-р Владимир Петрушевски, како и Независниот академски синдикат, преку одделни писма до медиумите го обвинија ректорот Јанкуловски дека во време на вонредна состојба незаконски закажал седница за избор на нов ректор, функција за која и самиот беше кандидат.

    Професорите велеа дека не треба да биде почната постапката за избор во вонредна состојба кога имаше уредба дека мандатите на телата се продолжуваат, како и во период кога се распишани парламентарни избори.

    Тројца од кандидатите: Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски, на 25 јуни  соопштија дека нема да учествуваат на овие избори зашто ги сметаат недемократски и нетранспарентни, а и поради ставот на Антикорупциската комисија дека избори за ректор не треба да има зашто се распишани парламентарни избори. Соопштија дека кандидатурите ги ставаат во мирување, но нивните имиња беа на гласачките ливчиња зашто не ги повлекле кандидатурите.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира