АНТИКОРУПЦИСКА ЌЕ ИСПИТУВА КАКО МИЦКОСКИ ДОБИЛ КОНЦЕСИИ ЗА ХИДРОЦЕНТРАЛИ ДОДЕКА БИЛ ДИРЕКТОР НА ЕЛЕМ И СОВЕТНИК НА ГРУЕВСКИ

    АНТИКОРУПЦИСКА ЌЕ ИСПИТУВА КАКО МИЦКОСКИ ДОБИЛ КОНЦЕСИИ ЗА ХИДРОЦЕНТРАЛИ ДОДЕКА БИЛ ДИРЕКТОР НА ЕЛЕМ И СОВЕТНИК НА ГРУЕВСКИАнтикорупциската комисија истовремено отвори и постапка за тоа дали Христијан Мицкоски можел да биде во исто време директор на ЕЛЕМ и да го советува експремиерот Никола Груевски за енергетика. (Фото: СДК.МК)

    Антикорупциската комисија на денешната седница одлучи да отвори постапка како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во време додека бил директор на државната ЕЛЕМ и советник за енергетика на поранешниот премиер Никола Груевски добил под концесија државно земјиште од 33 илјади метри квадратни и концесија за користење води за изградба на хидроцентрали како сопственик на фирмата „Енерготек ДОО Скопје“.

    Оваа фирма на Мицкоски, како основач, и на Димитар Димоски, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за транспорт и врски ги изградила хидроцентралите, кои и денеска работат и се во нивна сопственост.

    Комисијата едногласно одлучи да отворат постапка за влијание и за злоупотреби за случајот со хидроцентралите, но истовремено да отвори и постапка за тоа дали Мицкоски можел да биде во исто време директор на ЕЛЕМ и да го советува Груевски за енергетика.

    Постојат високи индиции за судир на интереси и злоупотреби, констатираа антикорупционерите на денешната седница и најавија дека овие два предмета ќе бидат споени во еден.

    Во интервју за „Призма“ на 13 април лани, Мицкоски кажа дека е сопственик на 10% од инвестицијата во три хидроцентрали, една во Пехчевско и две во Беровско, кои се изградени пред шест години и пријавени во неговиот анкетен лист.

    „Дел сум од конзорциум кој изградил три мали хидроцентрали – една во Пехчевско и две во Беровско. Јас сум сопственик на 10% од вкупната инвестиција. Тоа е изградено пред пет години, пријавено во мојот анкетен лист кога станав директор на ЕЛЕМ, со доставени даночни пријави и сè што е потребно. Јас не се занимавам со бизнис. Кога одлучив посериозно да се занимавам со политика и станав владин функционер, го напуштив бизнисот и престанав да бидам сопственик на неколку компании што ги имав во тој период. Останав само во оваа компанија, бидејќи и да сакам не можам да излезам. Таа е сопственик на 23-годишна концесија, а потоа имотот го враќаме на државата. За да излезам оттаму потребно е државата да ми даде согласност, а во овој момент тоа е невозможно, имајќи ги предвид законските решенија“, рече тогаш Мицкоски.

    Неговиот поранешен сопартиец Сашо Мијалков во отворено писмо на 28 октомври лани го праша како тоа професор со 500 евра плата дошол до неколку хидроцентрали за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Како тоа ти како професор со 500 евра плата успеа да дојдеш до неколку хидроцентрали токму за време на владеењето на ВМРО? Колку што јас знам, професори на факултет има многу, но само еден професор во Македонија, кој претходно немал сопствен бизнис, има милионски вредни хидроцентрали кои носат милионски заработки во евра, а сето тоа без никаков ангажман, само врз основа на добиената концесија доделена од владата на ВМРО?“, му пиша тогаш Мијалков на Мицкоски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира