АНТОНИЈО ГО НЕРВИРА КАТИЦА, А ТОЈ ИМ СЕ ЗАКАНИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ

    АНТОНИЈО ГО НЕРВИРА КАТИЦА, А ТОЈ ИМ СЕ ЗАКАНИ НА ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ„Го слушам внимателно и концентрирано, исто како и во бомбите, зашто неговиот глас е чест на снимките“ - му кажа Јанева на Милошоски уште во септември минатата година, а тој во вторникот самиот објави дека е под истрага на СЈО (Фото: Ѓ. Личоски)

    Првиот дискутант во Собранието, од  50-те пријавени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пратеникот Антонијо Милошоски вчера без никаков повод им се закани на колегите од СДСМ и коалицијата. Тие попладнето се повлекоа од  големата сала, за да не ги слушаат, како што рекоа, истите меѓусебни пофалби и охрабрувања на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а Милошоски им порача: „Нека не ве лаже паметот да правите чекори кои што ќе ги зголемат тензиите во Собранието“.

    Милошоски во вторникот ја информираше јавноста дека е под истрага на Специјалното јавно обвинителство. Тој на својот фејсбук профил ги објави оригиналните документи што ги добиле Министерството за транспорт и врски и Централниот регистар по службена должност од СЈО, а според кои, ова обвинителство бара фирми кои гласеле или гласат на негово име, но и воздухопловни средства регистрирани на негово име.

    Специјалното јавно обвинителство (СЈО )по објавата на Милошоски потврди дека се водат повеќе предистражни постапки кои за цел имаат спроведување на финансиски истраги против поголем број на физички и правни лица. „Целта на овие предистражни постапки е да се провери имотната состојба на сите лица за кои се отворени постапки и нивното севкупно финансиско работење“, соопшти СЈО.

    Но, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева му  даде знак на Милошоски уште на 22 септември минатата година дека преслушува нелегално снимени телефонски разговори и со него.  За време на седницата на Комисијата за политички систем во Собранието, каде Јанева го презентираше извештајот за тогашните 6 месеци работа, на прашањето на Милошоски какви случаи работела во Основното јавно обвинителство во Гевгелија, односно дали имала случаи за организиран криминал и за злосторничко здружување, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева му одговори: „Го слушам внимателно и концентрирано, исто како и во бомбите, зашто неговиот глас е чест на снимките“, а за нејзиното претходно искуство го упати да праша кај обвинителот Марко Зврлевски, кој на Јанева ѝ бил шеф.

    Лидерот на СДСМ Зоран Заев објави прислушувани разговори на Антонијо Милошоски. Во една од бомбите тој нарачува кај претседателот на тогашната лустрациска комисија Томе Аџиев лустрација на судија од Кичево, а во другата со експремиерот Никола Груевски договара најсоодветни називи, и разменува идеи за ново, изменето име на Република Македонија.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира