Апелациониот суд Скопје и по вторпат ги одби тужбите на лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговиот сопартиец Муса Џафери за клевета против ексразузнавачот Слободан Богоевски, кој пред американскиот суд сведочеше дека тие се двајца од тројцата високи функционери кои зеле мито по два и пол милиони евра секој од нив, за да се одложи воведувањето трет мобилен оператор на македонскиот пазар.
Во пресудата која денеска беше јавно објавена во Апелација, стои дека тужителите Ахмети и Џафери немаат право ни на нематеријална отштета. Овој анонимен совет од судии, кои одбија да ги кажат своите имиња, одлучува по вторпат, и тоа по жалба на тужениот Богоевски.
Првин Основниот суд Скопје 2 го прогласи за виновен Богоевски, па тој се жалеше. Апелација еднаш го врати на повторно судење и истиот судија повторно го осуди Богоевски за клевета. По оваа втора жалба и денешна пресуда, овој граѓански спор завршува во Апелациониот суд Скопје. Ахмети и Џафери сега може само да бараат ревизија на денешната конечна пресуда пред Врховниот суд.
Во исказот пред Њујоршкиот суд, Слободан Богоевски навел дека на актуелни и на поранешни функционери во 2005 година им било исплатено мито од „Маѓар телеком“ преку грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас. Според сведочењето пред Њујоршкиот суд, Богоевски посочил дека во скандалот, освен Кондоминас биле вмешани поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и вицепремиерот Муса Џафери и поточно, во три наврати биле исплатени по 2,5 милиони евра за секој од нив.
Богоевски, кој беше клучен сведок во процесот пред Њујоршкиот суд, од почеток тврдеше дека е бесмислена тужбата за клевета на Али Ахмети и Муса Џафери против него, бидејќи обвинетите признаа вина дека дале поткуп на македонски политичари и платија парична казна.
СЈО отвори предистрага за Ахмети, Бучковски и Џафери и нејзината судбина ќе се знае кога ќе се реши со закон статусот на СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА