АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ЗАТВОРСКАТА КАЗНА НА ГРУЈЕВСКИ ВО „ТВРДИНА 2“

    АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ЗАТВОРСКАТА КАЗНА НА ГРУЈЕВСКИ ВО „ТВРДИНА 2“Причината за укинувањето на пресудата за случајот „Тврдина 2“ е тоа што не биле исполнети законските услови за на обвинетиот Грујевски да му се суди во отсуство. - Горан Грујевски (лево) (Фото: Мета)

    Апелациските судии во Скопје ја укинаа пресудата за поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски во предметот на СЈО „Тврдина 2“, за незаконското палење на околу 20.000 списи од УБК, меѓу кои и докази за нелегалното прислушување, потврди Апелациониот суд Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Грујевски во отсуство беше осуден на година и пол затвор од судијката Лидија Петровска во ноември минатата година. Судењето треба да почне одново во Основниот суд Скопје 1.

    Причината за укинувањето на пресудата за случајот „Тврдина 2“ е тоа што не биле исполнети законските услови за на обвинетиот Грујевски да му се суди во отсуство, т.е. дека тој не бил недостапен, туку бил во екстрадициски притвор во Грција и органите на прогонот знаеле за тоа.

    На 18 мај, Врховниот суд во Атина одлучи да не ги екстрадира Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Пред грчките судови двајцата имаат постапка за фалсификување пасоши, бидејќи на аеродромот во Солун беа фатени во обид да летнат во Унгарија, откако претходно избегаа од Македонија. Грујевски и Бошковски имаат отворено и друга постапка за барање азил во Грција и таа не е завршена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира