Аркин Јахиј од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, е нов градоначалник на Општина Брвеница. Според првичните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), кандидатот на НАИ освоил 4.442 гласови или 50,36 отсто, а Стојанчо Радичевски, кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 4.177 гласови или 47,36 отсто. На изборите гласале 8.820 граѓани или 54,29 проценти.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, вечерва кажа дека нивниот кандидат Радичевски бил поразен во Брвеница од кандидатот на НАИ.
„За нас, резултатот е повеќе од одличен, затоа што, споредено со последните парламентарни избори, имаме 1.300 гласови повеќе. Иако тоа не беше доволно за победа, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст во бројот на освоени гласови. Жалиме што Вреди во Брвеница ја пропушти можноста да биде поразличен од ДУИ, исто како што се покажа дека кандидатите на СДС и Левица беа тројански коњ во корист на ДУИ, за да ги трошат гласовите на гласачкото тело“, рече Манасиевски.
ДУИ вечерва ја слави победата во Брвеница, а на прославата се обратија лидерот на ДУИ, Али Ахмети и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Во Општина Брвеница се одржаа избори за градоначалник откако на 23 јуни 2026 на 58-годишна возраст почина тогашниот прв човек на Општината, Јовица Илиевски, кој беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Функцијата в. д. градоначалник во изминатите месеци ја извршуваше Роберт Милошески.
А. АНТЕВСКА



