Градоначалничката Данела Арсовска не кажува дали огласот за враќање на приватните превозници како дел од јавниот превоз во Скопје е успешен или пак ќе го поништи како минатиот пат без да даде објаснување зошто. Четвртиот оглас кој беше распишан на 10 април траеше до 24 април, но Арсовска не кажува ништо, иако пола година јавниот превоз во Скопје е во колапс и граѓаните со саати чекаат на автобуските станици.
Од кабинетот на Арсовска и на страната на Град Скопје не е објавена никаква информација во врска со главниот проблем со кој во моментов се соочуваат жителите. Одговори нема ниту на новинарските прашања и за Арсовска не е никаков проблем што новинарите со недели бараат одговори на прашањето од неа, а таа не одговара и ги игнорира. Како и цел мандат од година и пол, и сега Арсовска не одговари на прашањето дали воопшто има намера да ги врати приватните превозници во јавниот превоз.
САКАМДАКАЖАМ.МК на 3 мај испрати прашање до кабинетот на Арсовска и Одделението за односни со јавност на Градот за тоа што се случува со огласот за приватни превозници, но одговор нема. Прашање испративме лично и до Арсовска, но таа не одговори на нашата порака.
Ниту приватните превозници не знаат што се случува со огласот и дали воопшто Арсовска има намера да ги врати во јавниот превоз. Ни рекоа дека немаат никакви информации и за сите прашања да се обратиме во Градот.
Јавниот превоз во Скопје пола година е во колапс. Откако Арсовска се скара со приватните превозници на улиците нема доволно автобуси оти ЈСП „Скопје“ нема капацитет да ги одржува сите линии. Граѓаните со саати чекаат автобус, а кога ќе дојде е преполн, па не можат сите да се качат во него.
На Арсовска во изборната кампања главно ветување и беше брз, ефикасен и бесплатен автобуски превоз, но по една година мандат ги остави граѓаните без јавен превоз.
А. АНТЕВСКА