На аеродромот во Виена синоќа беше извршена замена на австриските пожарникари-доброволци кои ги гаснеа пожарите во Малешевијата. На местото на досега активните 96, испратени нови 114.
На Фејсбук страницата на Противпожарната служба на Долна Австрија беа споделени информации и фотографии од примопредавањето на должноста на пожарникарите. Брзата замена на преморените пожарникари кои влегоа во речиси деноноќна борба со пожарите во Малешевијата ја овозможиле првите луѓе на аеродромот во Виена и на австриската национална авиокомпанија „Аустриан ерлајнс“, кои ги пренеле пожарникарите од и до Скопје со авион „ербас“.
„Во итни случаи брзата поддршка е многу важна. За доброволните противпожарни бригади на Долна Австрија, ова е една од најголемите прекугранични операции против катастрофи и ние сме среќни што го даваме својот придонес”, изјави директорот на аеродромот во Виена Гинтер Офнер.
Првата група австриски пожарникари во Македонија пристигна во петокот, а според информациите од теренот, нивната помош била непроценлива во битката со пожарите, како и онаа на пожарникарите од Словенија. Тие се сместени на стадионот во Пехчево со целата опрема која ја донесоа со себе.
Во регионот на Долна Австрија, околу 1.700 пожарникари-доброволци ја обезбедуваат безбедноста на околу два милиони жители. Во регионот на Долна Австрија нема ниту еден професионален пожарникар, а целата служба функционира врз основа на доброволен и волонтерски ангажман.