Наместо со исполнетост од 50 отстто, автобусите може да возат со 75 отсто од вкупниот број на патници. Оваа одлука, со која се врши измена на протоколите за превоз на патници, ја донесе денеска Владата по препорака на Комисијата за заразни болести. Владината одлука со која е зголемен бројот на патници се однесува на автобусите од градскиот и од меѓуградскиот превоз.
Владата на денешната седница не донесе одлука околу прашањето дали децата од 1 септември ќе тргнат во школо или ќе следат онлајн настава. Комисијата за заразни болести смета дека наставата треба да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во коишто е неопходно физичко присуство на децата. Според членовите на Комисијата, токму превозот на учениците е еден од начините за ширење на коронавирусот.
„Владата ја разгледа и усвои Информација со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука, и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта“, велат од Владата.
А. АНТЕВСКА