БАРАМ ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ ЗАТОА ШТО ДО 5 МАЈ НЕ СМЕЕМЕ ДА РАЗРЕШУВАМЕ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ВРАБОТУВАЊАТА СО НЕПОТИЗАМ

    БАРАМ ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ ЗАТОА ШТО ДО 5 МАЈ НЕ СМЕЕМЕ ДА РАЗРЕШУВАМЕ, КАЖА ЗАЕВ ЗА ВРАБОТУВАЊАТА СО НЕПОТИЗАМПремиерот Зоран Заев вели дека Антикорупциска комисија дала конкретни коментари кај има непотизам и кај нема непотизам. - Заев на прес-конференција вечерта по првиот круг од претседателските избори на 21 април (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев денеска рече дека побарал професионална и политичка одговорност од тие што направиле непотизам затоа што до 5 мај, кога завршуваат претседателските избори, има законска забрана за разрешување и именување. По вчерашната седница на Антикорупциската комисија на која беше утврдено дека има сомнеж за непотизам при вработувањата на роднини на неколку функционери, Заев синоќа на трибина во Прилеп побара од нив да се повлечат од работните места, а од функционерите побара политичка одговорност.

    „Конечно имаме систем што функционира. Антикорупциска покажа дека е систем и таму имаме конкретни коментари кај што има непотизам и кај што нема непотизам. Давам наредба како претседател на Влада до владините институции на лицата што се вработени на тој начин веднаш да им се прекинат работните односи и да се повлечат назад и барам професионална и политичка одговорност од сите нив“, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето на тркалезна маса за економските предизвици и ефекти од евроатланските интеграции.

    Прашан за раководителите на институциите кај што имало вработувања со непотизам, Заев рече дека не може да бидат разрешени до завршување на изборите.

    „Не можеме да разрешиме до 5 мај, законска забрана има. Затоа барам професионална и политичка одговорност“, рече Заев.

    Вчера, Антикорупциската комисија, меѓу другите, утврди неправилности при вработувањата на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши, сестрата и мајката и таткото на сопругата на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски, синот на пратеничката на СДСМ Мира Стојчевска и сестрата на министерот за култура Асаф Адеми.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира