БЕСИМИ ГИ ОСТАВИ ПЕНДАРОВСКИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАБИНЕТ БЕЗ ПЛАТА, КОВАЧЕВСКИ ИМ ВЕЛИ ДА СЕДНАТ ДА СЕ ДОГОВОРАТ

    БЕСИМИ ГИ ОСТАВИ ПЕНДАРОВСКИ И ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАБИНЕТ БЕЗ ПЛАТА, КОВАЧЕВСКИ ИМ ВЕЛИ ДА СЕДНАТ ДА СЕ ДОГОВОРАТПретседателскиот кабинет предвиде покачување од 5% на плата за службениците во кабинетот и покачувањето не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници. - Стево Пендаровски; Фатмир Бесими (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Стево Пендаровски и неговиот кабинет немаат земено плата за јануари, а од Министерството за финансии добиле образложение дека во буџетот за 2023 година нема дополнителни средства за исплата на плати за вработените во кабинетот на претседателот.

    Од претседателскиот кабинет сметаат дека ваквото образложение од министерството на Фатмир Бесими е неосновано, бидејќи средствата за покачување од 5 отсто за вработените во кабинетот се обезбедени од сопствени заштеди на институцијата и не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии.

    „Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот Колективен договор со Синдикатот на вработените, предвиде покачување од 5% на плата само за државните службеници кои се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии“, велат од претседателскиот кабинет.

    Во врска со неисплатените плати во претседателскиот кабинет, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека треба да седнат со Министерството за финансии и да се договорат за решение.

    „Претседателот е посебна институција, не знам каков колективен договор има. Ќе си седнат со Министерството за финансии, ќе разгледаат колку имаат во буџетот, ќе споредат со Колективниот договор, ќе се договорат и на крај ќе донесат решение како што има решение за сè“, рече Ковачевски, додавајќи дека Пендаровски е правник и дека во кабинетот има врвни правни експерти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира