БЕЗ НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС СЕКОЈА НАРЕДНА ГОДИШНИНА САМО ЌЕ ЈА ОДБЕЛЕЖУВАМЕ БЕЗ ДА ИМА ШТО ДА СЛАВИМЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ

    БЕЗ НАЦИОНАЛЕН КОНСЕНЗУС СЕКОЈА НАРЕДНА ГОДИШНИНА САМО ЌЕ ЈА ОДБЕЛЕЖУВАМЕ БЕЗ ДА ИМА ШТО ДА СЛАВИМЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИПретседателот кажа дека економскиот развој и правната држава, се главните причини за иселувањето кое не стивнува 30 години. (Фото: K. Попов)

    На земјава ѝ е потребен широк национален и државен консензус кој ќе биде поддржуван од сите политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме, кажа претседателот Стево Пендаровски во обраќањето во МАНУ на научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година.

    Како што кажа Пендаровски надворешната интегрираност е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел земјава забележа видлив напредок со Договорот од Преспа, без да бидат загрозени како што кажа виталните идентитетски маркери на македонската нација кои се експлицитно наведени во текстот на документот.

    „Еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993 до денес, независно кој беше на власт во Скопје и Атина, а тој е дека терминот Македонија ќе се употребува на неексклузивна основа. Договорот со Бугарија од 2017 е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор, имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција“, рече Пендаровски.

    Претседателот кажа дека економскиот развој и правната држава, се главните причини за иселувањето кое не стивнува 30 години.

    „Затоа многу е важно да се намали нивото на корупција, особено, високата корупција, затоа што ги става во подредена ситуација граѓаните кои плаќаат даноци и воопшто, ги демотивира да ги почитуваат законите, го оштетува буџетот и економската основа на земјата, и не помалку важно, ја руши довербата на луѓето во институциите на сопствената држава“, кажа Пендаровски.

    Претседателот смета дека занемарени се прашањата за инклузијата на жените во општеството, заштитата на животната средина и дигитализацијата. Рече дека зелените политики се нужни час поскоро, затоа што според некои проценки во земјава умираат по 3.000 луѓе годишно од аерозагаденост.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира