Рекордно ниската доверба во судството од само два процента од анкетираните граѓани во истражувањата на странски агенции претходните две години, која не се помрдна ни годинава, тешко дека ќе се крене во блиска иднина, со оглед на тоа какви негативни искуства од судовите во моментов кажуваат граѓаните, фирмите, невладините организации, кои редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК ги контактираше во тимско истражување.
Многумина, иако велат дека директно не им било побарано да потплатат судија, незадоволни од правдата, се сомневаат дека спротивната страна дала поткуп и така го добила случајот, особено кај граѓанските спорови. Оваа перцепција кај граѓаните, за жал, е многу раширена, во ситуација кога ниту Судскиот совет не разрешува и казнува судии по поднесени претставки, ниту обвинителството има фатено судија како зема мито.
Судиите не се согласуваат со перцепцијата дека сите судии се корумпирани, велат дека ги валкаат мал број меѓу нив. Зборуваат дека во секое жито има какол, па така и во судството. Но, според она што го кажуваат граѓаните од искуства на свој грб, каколот изгледа е епидемија во житото.
„Што е ова ако не е потплатено судство?“, со ова прашање почнуваат да кажуваат соговорниците чудни примери како доживеале неправди во судовите низ државата.
„Јас сум од Скопје и искрено се плашам да не се најдам повторно на суд. Судот за граѓанската парница против мене донел одлука во корист на противникот, во ситуација кога не сум се појавил на две судски рочишта, а мене судска покана воопшто не ми дојде. Четири пати одев на шалтер да прашам за кога е закажана парницата. ‘Уште е во Апелација’, беше одговорот секогаш. Знаев дека нешто е матно. Јас покана за повторената постапка не добив воопшто. И не знам зошто овојпат не бев поканет, кога во првата постапка, пред да го врати Апелациониот суд предметот на повторно судење, уредно ги добив сите покани од основниот суд. Што е ова ако не е потплатување на судијата зад мојот грб?“, прашува револтиран скопјанец.
Многумина од соговорниците за САКАМДАКАЖАМ.МК сведочеа за тоа како по сообраќајна несреќа под многу чудни околности ги наоѓаат адвокати во болница, се претставуваат, им нудат да ги застапуваат. Во текот на постапките, тие ги изигруваат. Повреден во сообраќајка тврди дека адвокатот што му се натурил кога бил во болница, не го известил за донесената судска одлука и тој ја пропуштил можноста да бара отштета во граѓанска постапка.
„Овие адвокати, а ги има многу очигледно, се поврзани со осигурителните компании. Тие земаат пари од компаниите и прават сè да не тужи оштетениот. Тоа не може да се случи без помош од судии“, тврди соговорникот, кој потоа ангажирал свои адвокати и уште ја бара правдата.
Натаму, соговорниците зборуваат за врзана, долгогодишна шема меѓу полиција – адвокати – вештаци – судии – осигурителни компании, која масовно се случува во граѓанските судови или одделенија, за на крајот компаниите да исплатат голема фиктивна отштета на „здрави“ и неоштетени возила.
По нашиот текст дека најголем број претставки од незадоволни граѓани од работата на судовите лани во Судскиот совет биле поднесени против судии од Основниот граѓански суд Скопје, се јавија неколку стотици граѓани од целата држава, кои споделуваа искуства за нанесени неправди во граѓански парници во скопскиот, но и во граѓанските оддели на други основни и апелациони судови.
Ретко кој од овие лица кажа дека поднел претставка до Судскиот совет, зашто велат, немаат доверба дека тој ќе преземе нешто во корист на граѓаните, на правдата. И самата официјална бројка на поднесени претставки од граѓани против судии за 2020 и бројката за која Советот одлучил дека се основани претставките, го тврди тоа.
Така, од вкупно 724 поднесени претставки против судии од цела Македонија, само за 4 Судскиот совет одлучил дека се основани, а за две полуосновани. Бадијала граѓаните ги поднесувале. Ист е просекот и на прифатени претставки години наназад. Едвај по две годишно биле утврдени како основани.
Најголем број претставки против судии, 98, лани биле поднесени против судии од Основниот граѓански суд Скопје, од граѓани, фирми и од државни институции. Третиве, од кај нив ги препратиле до Судскиот совет. На второто место е Апелациониот суд Скопје, со 94 претставки против судии. По овие два рекордера, следува Основниот кривичен суд Скопје, каде што е и Одделот за организиран криминал и корупција, со 57 поднесени претставки за работата на судиите лани.
Треба да се напомене и дека овие три суда се со најголем број предмети, но и со најголем број судии, стручни соработници и администрација. Овие податоци се содржани во последниот Извештај на Судскиот совет, кој е за неговата работа за 2020 година.
Врховниот суд не е голем суд и со голем број предмети, па сепак лани во Судскиот совет биле адресирани дури 44 претставки против врховни судии.
„Во дел од претставките се укажува на незадоволство од работењето на судот поради одолговлекување на постапката, случаи кога не се почитувани предвидените рокови за преземање на процесните дејствија на донесување, објавување и изготвување на судските одлуки и слично. Исто така, во дел од претставките подносителите сметаат дека судиите во текот на постапувањето по одделни предмети не го примениле правилно законот, односно сториле повреда на процесниот и материјалниот закон со што покажале нестручност и несовесност во вршењето на судиската функција“, наведува дел од причините на незадоволните граѓани Советот, кои ги поднесувале претставките.
„Што ми вредат мене 2.000 евра добиени како отштета за развлекување на постапката, кога татко ми кој почина лани, 9 години не можеше да ја истера правдата и да добие отштета по добиени тешки повреди при работа во голема компанија во Кратово? Татко ми беше само една мравка наспроти олигарх под кого беа судството и власта. Одбија да му платат отштета со спогодба и така почна нашиот децениски судски процес. Кога добивме на крајот, немаше од каде да наплатиме. Државата на тој олигарх му дозволила да ја згасне фирмата-ќерка кај што работеше татко ми и да си отвори нова. Подоцна, дознавме дека неговата компанија си затворила (однела под стечај) 25 фирми-ќерки што постоеле, а во меѓувреме отворила 30 нови. За по 9 години судот да ми каже дека татко ми го добил спорот, но нема право на отштета од стечајната маса, зашто не се пријавил во рокот од 30 дена кога тужената фирма- ќерка отишла под стечај“, на глас се смее овој очаен граѓанин од Кратово.
Голем број граѓани од внатрешноста пред сè, реагираа по повикот на САКАМДАКАЖАМ.МК за корупција во судството и за местење на судски предмети кај подобни судии, блиски роднини на тужени или на тужители во граѓанските спорови.
„Што мислите, само во скопските судови се местат предмети надвор од АКМИС-от? Дојдете малку во помалите судови да видите што се прави. Јас сум кривично осуден и сега треба во граѓанска парница да платам дебела отштета. Но осуден сум од судијка која лично пријавителот го има осудено за друго дело, а на судењето во записник напиша дека е неосудуван. Значи му го исчисти досието лично судијката што го осуди. Поднесов пријава за лажно сведочење, но заврши кај обвинителката која е прва братучетка со лажгото – осуден, ја отфрли пријавата против него за лажно сведочење“, вели овој соговорник.
Следуваа поплаки за работни спорови кои од необјаснети причини судии ги развлекуваат над 6 години, за имот, најчесто станови, кои им биле земани преку ноќ со сомнителни судски одлуки, за спорови за денационализација во кои судот не се изјаснува докрај како треба да постапи тој што го добил, па се пропуштаат сите рокови или се прават погрешни чекори. Имаше и пример како граѓански судија не прифатил доказ – официјален документ од државен орган и донел одлука на штета на тужениот. За недобивање судски покани и носење одлуки во отсуство на странки, се пожалија многу од граѓаните кои споделуваа искуства од граѓанските судови.
Во граѓанското одделение во суд во источниот дел на Македонија, сè уште работи судија кој, како што тврди соговорник, со гест со прстите бара поткуп. Според него, фразата што ја кажувал судијата со гестикулацијата со прстите е: „Па без ништо, нема нешто“.
„Татко ми се суди уште од 1982 година за денационализација. Ни доделија минорно парче од тоа што ни го национализирала Општината на времето, но и тие ги изгубивме. Случајот го завлекоа судии, изгубивме многу спорови, местото ни го зедоа и сега не ни даваат ни да го купиме. Ви кажувам во кратки црти, ова е предмет висок еден метар, кој не се дочитува. На крајот, судијата ни рече: ‘Е, уште нешто треба’, истовремено шушкајќи со прстите од едната рака. Ние не разбравме што сака. ‘Па без ништо, нема нешто’, дообјасни тој. Уште се судиме. Направивме ревизија на случајот, ако сте расположени да пишувате подетално“, ни кажа синот на тужителот.
Дигиталната редакција „САКАМДАКАЖАМ.МК“ ги документираше и архивираше сведоштвата на сите овие граѓани што ги споделија сомневањата за корупција на судии, низ лични примери во судските лавиринти.
С. К. ДЕЛЕВСКА