Еврокомесарот Јоханес Хан ги повика лидерите на ЕУ да донесат одлука за отворање пристапни преговори со Северна Македонија, зашто ако не дадат зелено светло на коцка се ставаат европската отчетност и кредибилитет. Хан ова го кажа на прес-конференцијата по средбата со премиерот Зоран Заев во Брисел, пред утрешниот дводневен лидерски самит на кој треба да се донесе одлуката за почеток на преговори со Македонија и Албанија, откако вчера министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ не успеаја да постигнат консензус поради цврстото противење на Франција, која бара прво реформа на методологијата за проширување на Унијата.
Хан неколку пати кажа дека е оптимист оти одлуката на лидерите ќе биде позитивна, зашто како што рече, „обврска е ако нашите партнери испорачаат, тогаш мора и ние да испорачаме“.
„Огромно мнозинство земји бара зелено светло за подготовка на почеток на преговорите, сега таа одлука е на ниво на лидерите, и се надевам дека ќе одлучат врз основа на поширока политичка проценка. Ако ЕУ сака да има поголемо влијчание во светот, ќе мора прво во својот двор да покаже е во можност да го направи тоа. На коцка се ставаат европската отчетност и кредибилитет ако нема позитивна одлука, и јас ги повикувам лидерите да дадат зелено светло за процес што ќе трае повеќе години. Ние мора да работиме на подобра методологија за процесот на проширувањето, но не на сметка на земјите од Западен Балкан, тоа мора да се прави паралелно“, рече Хан кој повторно не ги именуваше земјите кои се против.
Премиерот Заев ги повика европските лидери да не ги „гасат сјаните ѕвезди кои сакаме да ги достигнеме“ и побара да не бидат „наша пречка, туку наши херои“.
„Ни треба позитивна одлука сега и веднаш. Ако не се испорача, тогаш кредибилитетот на ЕУ и довербата на нашите граѓани во неа ќе биде доведена во прашање, и ова со сигурност ќе ги поттикне регресивните сили и ќе остави простор за трети сили“, рече Заев.
Заев не одговори директно на прашањето дали ако не се добие одлука за пристапните преговори ќе падне владата, односно дали тој ќе даде оставка.
„Одговорност ќе треба да се преземе, јас тоа го чувствувам“, рече Заев.