БИ БИЛ ДОБАР КОНСЕНЗУАЛЕН КАНДИДАТ, АМА СУМ ПОПРИЛИЧНО МЛАД ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ВЕЛИ ЗАЕВ

    БИ БИЛ ДОБАР КОНСЕНЗУАЛЕН КАНДИДАТ, АМА СУМ ПОПРИЛИЧНО МЛАД ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ, ВЕЛИ ЗАЕВ„Соработувам со претседателот и имаме кохабитација и не е тоа лесно. Многу е важно да имаме претседател на државата, кој ќе води грижа за сите граѓани и кој ќе води грижа за татковината, за важните политики“, рече премиерот Зоран Заев. (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев вели дека според анкетите и рејтинзите тој би бил добар консензуален кандидат за претседател, но дека тој сепак нема да се кандидира.

    „Би бил добар консензуален кандидат, гледајќи ги анкетите и рејтинзите, посебно мултиетнички гледано. Но, знаете дека не сум кандидат. Одговорноста што ја чувствувам да се сработи она што е ветено на граѓаните, посебно по крупни и тешки одлуки, кои се донесоа. Дува убав ветер во грб и треба да сработиме, а се сметам и поприлично млад“, вели Заев.

    Тој рече дека за да се најде консензуален кандидат деновиве разговараат и со коалициските партии, но и со партиите кои не се дел од коалицијата, и со партиите надвор од Парламентот, и со граѓани и здруженија на граѓани. Тој ги повика и ДУИ и двете крила на БЕСА, и Алијансата и турските партии и сите други политички чинители да се вклучат во наоѓање на заеднички кандидат.

    „Сакам да ја потенцирам потребата од свесност на нашето општество преку политичките партии и да ги повикам сите да направиме една заедничка одговорна анализа и да пронајдеме личност или личности зад кои би можеле ние да застанеме како политичари, оти граѓаните застануваат зад нив“, рече Заев при денешната посета на Клиниката за неврологија.

    Според него има доволно за да се најде заеднички кандидат и дека во случајов не мора да се чека да завршат конгресите на партиите.

    „Треба да изнајдеме и да изнедриме вистински личности, оти претседателот е првата личност на нашата земја и многу е важна оваа функција во Република Македонија. Не мора да чекаме конгресот на некоја партија, тоа не е консензуално барање. Ако ангажираме од нашите политички партии и си платиме експерти, а сега имаме повеќе пари во буџетот, да ни направат добри анализи, така што да бидеме растеретени. Не правиме муабет за пратеник, за министер за градоначалник, зборуваме за претседател на државата. Може да бидат дами, ете за мене убаво звучи. Може да бидат граѓани без оглед на етничка припадност, пол или општествена сфера од која доаѓаат. Соработувам со претседателот и имаме кохабитација и не е тоа лесно. Многу е важно да имаме претседател на државата, кој ќе води грижа за сите граѓани и кој ќе води грижа за татковината, за важните политики“, рече Заев.

    На прашањето дали со претседателските ќе има и парламентарни избори, Заев рече дека дебатата сè уште се води и дека дилемата е меѓу две опции односно дали опцијата со нов мандат да ги испорачаат реформите и подобрување на животот, или онаа која според него превагнува е интересот на државата наспроти политичарите и политичките партии.

    „Тоа е да не дадеме никаков изговор на земјите членки, а дел од нив се генерално против проширувањето. Македонија чека позитивна одлука на Самитот на Европската унија во јуни, каде што верувам дека Комисијата која е на крајот на својот мандат сака да остави свое наследство. Македонија блеска во решавањето на билатералните отворени прашања и пример сме и за Европа и за целиот свет. Во делот на реформите сме комплетно успешни, верувам дека парламентот низ дијалог ќе продолжи така консензуално да ги носи своите одлуки, како што впрочем се завршува и процесот на избор на антикорупциска, каде се гласаше со консензуално гласање. Судските реформи парламентот верувам дека ќе смогне сили да ги донесе, се надевам оти многу време се води дијалог. Новиот закон е при крај во делот на реформите во УБК, реформите во администрацијата течат и имаме успешни реформи“, рече Заев.

    Тој кажа дека имплементацијата на реформите треба да се направи заради граѓаните и дека тоа ќе биде видливо и дека верува дека ќе биде донесена одлуката за отворање на поглавјата за преговори со Унијата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира