БИВШ ВРАБОТЕН ВО МВР СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ПАЛЕВСКИ МУ ДОЛЖИ 16.000 ЕВРА

    БИВШ ВРАБОТЕН ВО МВР СВЕДОЧЕШЕ ДЕКА ПАЛЕВСКИ МУ ДОЛЖИ 16.000 ЕВРАСведокот Ламбе Бучков кажа дека Палевски му должи 16.000 евра и до денеска не му ги вратил. (Фото: К. Попов)

    На почетокот на декември лани, кога истрагата ги поврза двете убиства, тоа на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, првообвинетиот Љупчо Палевски замина за Србија на лечење на кичмата, каде останал само еден ден и оттаму заминал за Турција, каде беше уапсен и ставен во екстрадициски притвор.

    За разлика од сведокот Васко Стојков, кој го однел Палевски до Белград и на минатото судско рочиште сведочеше дека одел на лечење за кичмата и ако ништо не направи таму, ќе оди да се лекува во Турција,
    неговиот пријател Ламбе Бучков, поранешен вработен во МВР, денеска сведочеше дека Палевски не му кажал оти ќе се лекува во Софија и во Турција, туку дека таму имал закажано политички состаноци, бидејќи се ближеле избори.

    Бучков рече дека Палевски му се јавил од Турција и му кажал дека таму е по работа. А претходно се чуле и кога бил во Белград. Му кажал дека го барала полицијата во партијата и оти сакала некое возило да одземе. Тој му рекол и дека сакал да се врати од Белград, но дека имал договорено состаноци во Бугарија и во Турција. Бучков кажа дека Палевски му должи 16.000 евра и до денеска не му ги вратил.

    Бучков позајмил од негов пријател за да му даде заем.

    „Зедов кредит за да ги вратам парите, за да не се срамам пред мојот пријател“, кажа сведокот Бучков.

    „Палевски ми кажа дека му кажал на Влатко Кешишев да им даде на инспекторите сè што ќе побараат. Да им го даде возилото. За пикапот ми кажа дека полицијата го бара оти било видено на местото каде што исчезнало некое девојче. Не препрашав за кое девојче се работи“,  сведочеше Бучков.

    На прашање дали видел дали Палевски носел пиштол, сведокот кажа: „Палевски кажувал дека има неколку вида оружје, пиштоли, но никогаш не сум ги видел кога сум одел во канцеларија или дома“.

    За киднапирање и свирепо убиство на велешанецот Панче Жежовски на 22 ноември 2023, како и за киднапирање и свирепо  убиство на Вања Ѓорчевска од Скопје на 27 ноември, обвинети се Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Велибор Манев, Боре Видевски и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира