Обвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева на првата фотографија објавена како доказ за злоупотреба на нејзината функција за истрагата „Империја“ се гледа како седи на кожна гарнитура полузавиткана во шарено кебе. Пред неа масичка, на масичката купче пари со банкноти од по 500 евра и пачки со назнака „Тутунска банка“, цигари, овошје, кафе и благо.
Оваа и наредните фотографии и видеоснимки, презентирани денеска „Рекет“, се од вештачењето на мобилниот на првообвинетиот Бојан Јовановски- Боки 13. Јанева не гледа во камерата, фотографиите се како таа да не знае дека е сликана.
Следната фотографија е иста, само од друг агол, исто направена на 4 февруари 2019, отприлика две недели пред Боки да ја земе чантата „луј витон“ од домот на осомничениот во „Империја“ Орце Камчев.
- СТОКА! – Ѝ ПИШАЛ БОКИ НА ЛИЛА ЗА ОРЦЕ КАМЧЕВ
- ГИ ВИДОВ ДОКАЗИТЕ БОКИ, ОВА Е ЧИСТ РЕКЕТ, ОДГОВОРИЛ ЗАЕВ НА БАРАЊЕТО ЗА СРЕДБА ОД ОБВИНЕТИОТ ВО „РЕКЕТ“
Следуваше видео во истиот амбиент, во кое таа кажува: „Ќе планираме како што ќе се договорат. Ќе видиме што ќе одлучат“.
Потоа обвинителството со доказите отиде наназад, па беа покажани фотографии од крајот на 2018 година на кои се гледа дека таа става плик во чанта во ресторанот „Ден и Ноќ“. Следуваа фотографии од мобилниот на Боки во канцеларијата на Јанева во СЈО и дополнителни фотографии на Катица на гарнитурата, како доказ дека снимките со еврата се направени во нејзината куќа во Скопје.
Доказната постапка продолжува.
С. К. ДЕЛЕВСКА