ГИ ВИДОВ ДОКАЗИТЕ БОКИ, ОВА Е ЧИСТ РЕКЕТ, ОДГОВОРИЛ ЗАЕВ НА БАРАЊЕТО ЗА СРЕДБА ОД ОБВИНЕТИОТ ВО „РЕКЕТ“

    ГИ ВИДОВ ДОКАЗИТЕ БОКИ, ОВА Е ЧИСТ РЕКЕТ, ОДГОВОРИЛ ЗАЕВ НА БАРАЊЕТО ЗА СРЕДБА ОД ОБВИНЕТИОТ ВО „РЕКЕТ“Обвинетиот Боки 13 на мајка му Јасминка Јовановска во април ѝ препраќа комуникација со тогашниот премиер Зоран Заев. - Бојан Јовановски; Зоран Заев (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на доказната постапка за „Рекет“ кај што се обвинети Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, во комуникација на Боки по Вибер и Ватсап именувана како „мајка“, тој го моли тогашниот премиер Зоран Заев да го прими на средба, откако веќе Орце Камчев му ги дал снимките од рекетирањето.

    Боки на мајка му Јасминка Јовановска во април ѝ препраќа комуникација со тогашниот премиер Зоран Заев, што ја имал кога Заев ги видел снимките како тој и Зоран Милевски излегуваат со торба пари откај Камчев. Тоа било една недела пред да пријави Заев кај обвинителката Вилма Русковска.

    „Сум покажал неколку пати дека јас твоето име не сум го злоупотребил никогаш. Уште еднаш те молам размисли да се видиме, јас не играм заткулисни игри, јас сум ти пријател. Јас не играм на две страни“, го моли Јовановски Зоран Заев.

    „Ги видов доказите, огорчен сум. Јас за ова не се борев“, му враќа Заев.

    „Уште еднаш ве замолувам да ме примите на една средба“, пишува Боки.

    „Ги видов доказите Боки. Ова е чист рекет. Јас морам да постапам“, му одговара Заев.

    Во октомври 2018, Јовановски на адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка која му даде притвор на осомничениот во „Империја“ Орце Камчев, му праќа дел од текст каде пишува дека судија на претходна постапка Димишкова, треба да одлучи за барањата за мерка притвор.

    Истиот ден Васил му возвраќа дека сè е шпекулација.

    Па во 2 часот по полноќ си пишуваат: „Биднало, време беше“.

    На 13.10. 2018, Васил на Боки му праќа наслов на текст, па соопштение од обвинителството за одреден притвор на Орце Камчев.

    Потоа Боки му праќа комуникација што ја имал со Дејан Панделески, син на газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески, осомничен во „Империја“.

    На 19.10. 2018, Боки пак му праќа комуникација со Дејан Пелистерка:

    „Не е добро да се гледаме.“

    На 12.10. 2018, Васил го прашува Боки: „Како помина со мајка? Денес и шоферот на водата го земале. Тој бил поштарот што оставал пошта во сандачиња“.

    Боки го вика: „Дојди во телевизија“.

    Васил оди во „1ТВ“.

    Секој ден чатуваат, со месеци, зборуваат во шифри за „Империја“, си препраќаат судски решенија, документи.

    На 8.01. 2019, Боки му испраќа слика на Васил, ургенција за „Империја“.

    Васил на Боки му праќа слика од документ – мислење на СЈО, да се одбие мислење за „Актор“. Почнале да ја дискутираат и оваа голема истрага на СЈО.

    Во јануари 2019, Васил му пишува на Бојан:

    „Извини, може ли да ја потсетиме мајка, уште не е стигнато“.

    На 28 јануари 2019,, Васил повторно потсетува:

    „Те молам види со мајка до каде е“.

    Димишков е адвокат и него го нема во обвинението, нема докази дека вршел влијание кај сестра му Весна Димишкова, која остана на најстрогите одлуки за притвор за осомничените во „Империја“, сѐ додека Катица Јанева не побара ублажување на тие мерки и Врховниот суд не се замеша времено запирајќи ги истрагите на СЈО. Но, комуникацијата со Васил е важна во доказната постапка за вмешаноста на Катица Јанева во обиди за материјална корист да им ја олесни положбата на осомничените Орце Камчев и Дејан Панделески во големата финансиска истрага „Империја“, што ја поведе СЈО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари