БОМБИТЕ МОЖЕ ДА ОТПАДНАТ ОД НОВИОТ ЗАКОН, СЈО ВЕЛИ НЕМА ПРОБЛЕМ, ИМААТ ДОКАЗИ И БЕЗ ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИ

    БОМБИТЕ МОЖЕ ДА ОТПАДНАТ ОД НОВИОТ ЗАКОН, СЈО ВЕЛИ НЕМА ПРОБЛЕМ, ИМААТ ДОКАЗИ И БЕЗ ПРИСЛУШУВАНИТЕ РАЗГОВОРИОбвинителство со одредена независност и одредена автономност во одлучувањето покажа резултати и треба да продолжи со работата, вели министерката правда Рената Дескоска. - Специјалните обвинителки Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска (Фото: СДК.МК)

    Камен на сопнување во преговорите за измена на Законот за СЈО меѓу Министерството за правда и политичките партии е надлежноста околу прислушуваните разговори, кажа на денешниот брифинг со новинарите министерката за правда Рената Дескоска. Односно, вели таа, дали ќе може снимките од прислушуваните разговори повторно да ги користат обвинителите од СЈО и што ќе биде со истрагите што ги воделе по законските 18 месеци, а за кои не покренале обвиненија.

    Ова ќе значи дека постои можност СЈО и да добие мандат да поднесе обвиненија за завршените истраги, бомбите да не може да ги користи. И министерката Дескоска вели дека се разгледува опција снимките на ова обвинителство во иднина да им бидат само индиции, а не и докази на судско рочиште.

    Дескоска не открива кои се партиите кои го блокираат новиот Закон за СЈО.

    ВМРО-ДПМНЕ секако нема да го гласа новиот Закон, за кој е потребно двотретинско мнозинство, а СЈО има отворено истрага за лидерот на ДУИ Али Ахмети за пописот и за неговиот сопартиец Бујар Османи, со кодно име „Пациент“. За двата случаја, СЈО уште нема покренато обвиненија.

    Од СЈО велат дека немаат никаков проблем со тоа ако натаму прислушуваните разговори со законски измени нема да може да ги користат како докази. И онака, само во „Титаник“ и во „Титаник 2“ за изборни нерегуларности и за незаконитости во ДИК, бомбите беа по важност во доказите качени погоре. Сите досегашни обвиненија се поткрепени со материјални докази, со изјави од сведоци, со документација.

    „Проблемот е што партиите сакаат да пропадне сѐ што е покренато како истрага по 30.06.2017 година и ништо во иднина да не се покрене во врска со прислушуваните разговори. А надлежноста ова обвинителство ја црпи според законот, токму од прислушуваните разговори“, велат од СЈО.

    „Оние постапки кои се во фаза на обвинение за мене нема дилема дека треба да продолжат, во делот што се однесува на истрагите, претпоставувам дека таму е вложен труд од СЈО, и тука не треба да се дозволи да има амнестирање на кривичните дела со измена на Законот за СЈО. Мора да водиме сметка, да направиме прецизна одредба, постапката за делата кои што биле направени и кои што биле во фаза на истрага да продолжи. Кој ќе ја продолжи постапката, дали Обвинителството за организиран криминал или СЈО, ќе биде разграничено со распределба на надлежностите меѓу овие две обвинителства“, рече министерката за правда Дескоска.

    Обвинителство со одредена независност и одредена автономност во одлучувањето покажа резултати и треба да продолжи со работата, рече таа.

    „Причини за постоење јавно обвинителство секогаш ќе се јавуваат. Се водат дискусии во моментов дали нивната надлежност да се врзе само за носителите на јавни функции, дали околу висината на штета или на корист што е направена со кривичното дело, за да имаме уште поголемо разграничување од надлежностите на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во случаи кај што се вклучени и носители на јавни функции и други лица“, вели Дескоска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира