Новообјавените разговори објавени од Фејсбук профилот со псевдоним Ел Чека не потекнуваат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), соопшти денеска ова обвинителство заради појаснување на различните толкувања на вчерашната изјава на Специјалната обвинителка Катица Јанева.
Вчера, на Петтата сесија на Работната група 3 (Правосудство и основни права – Поглавје 23) од Националната конвенција за ЕУ во Македонија, за аудиоснимките што се емитуваа на Фејсбук од профилот со псевдоним Ел Чека, на новинарско прашање „Можете ли да гарантирате дека не се од кај вас?“, Јанева одговори: „Не, не можеме да гарантираме ништо“. Таа рече дека дала налог да се испитуваат снимките што се објавени од Ел Чека, за дел потврди дека ги има кај нив, а за дел сѐ уште се истражува.
„Во оваа смисла, ја уверуваме јавноста дека сите аудиоматеријали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. Воедно, при анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот“, соопшти СЈО и потенцира дека ова обвинителство ја гарантира единствено безбедноста на сите аудиоматеријали со кои располага.
„И во оваа прилика, како и повеќе пати досега, ги повикуваме сите субјекти кои поседуваат аудиоматеријали кои се предмет на незаконско следење на комуникациите истите да ги достават до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, соопшти СЈО.