Владимир Блажев-Панчо од групата ДНК има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка по пожарот кој сношти изби во дискотелата „Пулс“ во Кочани каде што тој настапуваше, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК неговата сетра Јадранка Николовска.
„Засега знам дека е вон животна опасност, има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка и е во Клиничкиот центар во Скопје. Уште не знам каде е и како е Андреј и останатите членови на бендот. Немам сила да зборувам повеќе“, ни рече Николовска низ солзи.
Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 51 лице, а над 100 се повредени, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Кочани. Според првичните информации, како што кажа Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.
Владимир Блажев-Панчо често вели дека е многу поврзан со неговата сестра, особено по смртта на мајка им која почина од рак во 2014. Од тимот на бендот ни рекоа дека според информациите кои ги имаат досега, музичарите се однесени в болница, дел во Скопје, дел во Штип.

Моментот кога настанал пожарот; – Андреја Ѓеорѓиевски и Владимир Блажев-Панчо од групата ДНК сношти настапиле во дискотеката „Пулс“ во Кочани со комплетен бенд и придружни вокали (Фото: Принтскрин од видео)
Еден од членовите на бендот е на домашно лекување во Скопје. Откако се случил пожарот, бил однесен во болницата во Кочани, каде што примил инјекција со кортикостероид, а потоа пријатели со автомобил го однеле дома во Скопје.
Пожарот избувнал околу 3 часот, на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез. На прашањето дали дискотеката има дозвола и кој дозволил да има дискотека во куќа која е со решетки на прозорите и е веднаш до други куќи, министерот Тошковски рече дека веќе има приведено лица во врска со пожарот и ќе се утврди одговорност. Не кажа колкумина се приведени, но дека вети дека одговорност ќе има со име и презиме.
Според снимките од концертот споделени на социјалните мрежи, додека пее групата проследено со пламени прскалки, почнува да гори конструкција на таванот која за неколку секунди се разгорува, кусо потоа се обидуваат да го изгасат со противпожарни апарати, при што се слуша глас на микрофон кој вика „Излезете сите“.
М. ЏАРОВСКА