Бројот на заболени од сезонски грип за сезоната 2020/2021 е помал за 92,5% помалку во споредба со истиот период лани и 94,5% помал во однос на типичната сезонска крива. Во оваа сезона, според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вкупниот број на заболени од сезонски грип е 539.
Најголемиот број на заболени се пријавени во возрасната група која опфаќа најголем дел од населението од 15 до 64 години (228 случаи), а највисоката инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0 до 4 години.
Во петтата недела од 2021 , пријавени се 45 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, со што се бележи намалување во споредба со минатата сезона и со типичната сезонска крива. Заболените се пријавени во Дебар – 30, во Кичево – 11 и во Радовиш и Прилеп – по 2.
Во однос на возрасната дистрибуција, најголем број (16 лица) е регистриран кај возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца (11,2/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст од 0-4 години.
Во земјава, заклучно со петтата недела, вакцинирани се вкупно 39.488 лица против сезонски грип. Вакцинирани се вкупно 28.922 лица со бесплатна вакцина, додека пак 10.566 лица се вакцинирани со комерцијалните вакцини.
Б. НЕСТОРОСКА