Буџетот за 2018 година ќе биде 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра, односно толку средства се планирани за расходи со предлог-буџетот за следната година, за кој денес имаше јавна расправа во Министерството за финансии. Со предлог буџетот на приходната страна планирани се 193,5 милјарди денари или 3,14 милијарди евра.
„Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,7 отсто од бруто домашниот производ (БДП), и е помал од годинешниот кој е 2,9 отсто од БДП. Тоа значи дека решени сме да правиме финансиска консолидација, односно да ги намалиме непродуктивните трошења и постепено да отвораме простор за зголемување на приходите во буџетот“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој објасни дека го ревидирале процентот на раст на БДП за оваа година на 1,6 отсто, а претходно беше проектиран на 2,2 отсто. Според Тевдовски ова ревизија е потребна за да можат на реални основи да го проектираат растот за следната година.
„За следната година проектиран е раст од 3,2 отсто и оваа проекција е на линија со проекциите од Монетарниот фонд и од Светската банка“, рече Тевдовски.
Освен зголемување на приходите преку зголемување на акцизата на нафтата за три денари и зголемување на основицата за придонеси за оние со повисоки плати, со буџетот за 2018 година зголемени се и расходите.
„За плати во 2018 година предвидени се 27,1 милијарди денари, а растот од 460 милиони денари или 1,7 отсто е за зголемување на платите во одбраната, како наша стратешка цел за приближување кон НАТО стандардите“, рече Тевдовски.
За 2,4 отсто или за 420 милиони денари намалени се расходите за стоки и услуги, а за пензии предвидени се 2,1 милијарди денари повеќе од годинава, заради законското зголемување на пензиите. Вкупно во 2018 година одредени се 54 милијарди денари за пензии.
„17,3 милијарди денари се предвидени за субвенции и трансфери, а 1,1 милијарда денари за поддршка на домашни претпријатија и 970 милиони денари за странски компании. Буџетот за здравство за 2018 година е зголемен за 1,1 милијарда денари и вкупно ќе изнесува 28,2 милијарди денари. Со овие средства ќе се обезбедат пари за покаќување на платите на лекарите и медицинските сестри за 5 отсто. Обезбедени се и средства за зголемување на платите на вработените во градинските, основните и средните училишта за 5 отсто почнувајќи од септември 2018 година, а за капитални инвестиции се предвидени 24,7 милијарди денари, кои ќе се искористат за изградба на патна и железничка инфраструктура, инвестиции во здравството, образование, за одбрана и за гасификација“, рече Тевдовски.