БУГАРИЈА ГО ЗАСИЛУВА ВЕТОТО СО ТИТО, СТАЛИН И МОСКВА, ЗАЕВ УШТЕ ЧЕКА КРИК НА ПРИЈАТЕЛСТВО

    БУГАРИЈА ГО ЗАСИЛУВА ВЕТОТО СО ТИТО, СТАЛИН И МОСКВА, ЗАЕВ УШТЕ ЧЕКА КРИК НА ПРИЈАТЕЛСТВОЗахариева повтори дека Бугарија ќе стави вето на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција на ЕУ и Македонија. - Зоран Заев; Екатерина Захариева (Фото: СДК.МК)

    Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева кажа дека не може станеме членка на ЕУ сè додека го славиме Тито, додека македонскиот премиер Зоран Заев рече дека очекува крик на пријателство од Бугарија за почеток на пристапните преговори со ЕУ до крајот на декември на два дена пред состанокот на Советот за општи работи на министрите на ЕУ (ГАК) на кој треба да се прифати преговарачката рамка за почнување на пристапните преговори со Македонија.

    Захариева, гостувајќи во вчерашната утринска програма на БТВ, повтори дека, како што стојат работите во моментов, Бугарија ќе стави вето на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција на ЕУ и Македонија.

    „Во моментов нема како да кажеме ‘Да’ за почеток на преговорите со ЕУ на Северна Македонија.Бугарија отсекогаш била пријателски настроена кон Северна Македонија. Ние во сите тешки моменти сме им подавале рака, но не може 30 години да сакаш да си во Европската унија и истовремено да чествуваш еден од најмрачните диктатори – Тито“, изјави Захариева, додавајќи дека тие ќе продолжат да помагаат, но нивната поддршка никогаш не била безусловна.

    „Јас сум изненадена што не сакаа да го разберат тоа што им го зборувавме толку години, дури и не сум убедена и дека разбираат“, рече Захариева.

    Таа уште рече и дека „ако продолжиме да ги затвораме очите пред фактот дека државата продолжува да се развива по начинот замислен од Тито и Сталин ѝ вршиме работа на Москва“.

    Заев, пак, вчера рече дека бугарското вето за почетокот на пристапните преговори на Македонија за влез во ЕУ е извесно, но тој останува оптимист.

    „Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада, за евентуално вето од Бугарија и тоа е поприлично извесно. Но, никогаш не ја губам надежта дека затоа што одговорноста на политичарите е голема. И ако е вака на 17 ноември, рековме до декември има време, до крајот на декември е можноста за првата Меѓувладина конференција, очекувам одговорност, крик на пријателство од бугарската страна затоа што кај нас имаат пријатели. Ако се испрати негативна порака, сите знаеме што непосакувано од двете страни може да развие. Не ни требаат такви работи, ни треба пријателство, подадена рака, заедно да го чекориме европскиот пат“, рече Заев во Струмица, каде што вчера предаде лична донација – амбулантно возило на Струмичката болница.

    Состанокот на Советот за општи работи на министрите на ЕУ (ГАК) на кој треба да се прифати преговарачката рамка за почнување на пристапните преговори, ќе се одржи на 17 ноември.

    Заев рече и дека се надевал на поинакво однесување од Бугарија, бидејќи, како што кажа, ако не се со нешто задоволни имаат 130 пати низ 140 проглавја да стават вето во текот на пристапните преговори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира