БУГАРИЈА И НАТАМУ НЕ ГО ПРИЗНАВА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ГЕНЧОВСКА

    БУГАРИЈА И НАТАМУ НЕ ГО ПРИЗНАВА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ГЕНЧОВСКАMинистрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Теодора Генчовска и Бујар Османи, денеска во Софија го потпишаа вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017. (Фото: Фејсбук на Османи)

    Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска на прес-конференцијата по потпишувањето на билатералниот протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија, рече дека во билатералните односи, Бугарија не го признава официјалниот јазик на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Софија.

    „Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 земји-членки, сепак, тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став. Но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка“, изјави Генчовска.

    Важно е, рече Генчовска, дека отсега ниту еден документ во процесот на приклучување на Северна Македонија кон ЕУ, „не може да се сфати како бугарско признавање на постоењето на т.н. македонски јазик“.

    „И тоа е јасно опишано во едностраната декларација што Бугарија ќе ја претстави в понеделник за време на Комитетот на постојани претставници“, рече таа и додаде дека оваа декларација ќе биде претставена и во следните чекори на европско ниво и ќе биде поздравена од Советот на ЕУ.

    Генчовска рече дека при одредувањето датум за првата меѓувладина конференција од Чешкото претседателство со ЕУ, Република Северна Македонија ќе има политичка меѓувладина конференција, а потоа властите во Северна Македонија треба да ја започнат процедурата да се смени Уставот со цел во него да се вклучат и локалните Бугари. Како што рече, дури потоа ќе има втора меѓувладина конференција на која всушност ќе започне преговарачкиот процес, но тоа ќе зависи од властите во Северна Македонија.

    „Може да трае три месеци, како што беше случај кога името на Република Северна Македонија се промени, но може и да продолжи и две години“, рече Генчовска.

    Таа изјави дека вистинските преговори за Албанија може да започнат веднаш по првата меѓувладина конференција.

    Mинистрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Теодора Генчовска и Бујар Османи, денеска во бугарското Министерството за надворешни работи во Софија го потпишаа вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017, согласно членот 12 од него. Потпишувањето на протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. По потпишувањето, Генчовска кажа дека Бугарија најсилно ја оддржува европската интеграција на Македонија и Албанија. Таа кажа дека средбата била корисна и бил забележан напредок во сите секторски групи, а сега останува да се исполни договореното за што ќе биде потребен сериозен ангажман од двете држави.

    Иако најавија за денеска, обете земји уште не го објавиле протоколот кој го потпишаа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира