БУГАРИЈА КИДНАПИРАШЕ ДВЕ ЧЛЕНКИ НА НАТО ДОДЕКА ИМА ВОЈНА ВО ЕВРОПА, КАЖА РАМА И ОБЈАВИ ДЕКА СО КОВАЧЕВСКИ И ВУЧИЌ ЌЕ ОДИ ВО БРИСЕЛ

    БУГАРИЈА КИДНАПИРАШЕ ДВЕ ЧЛЕНКИ НА НАТО ДОДЕКА ИМА ВОЈНА ВО ЕВРОПА, КАЖА РАМА И ОБЈАВИ ДЕКА СО КОВАЧЕВСКИ И ВУЧИЌ ЌЕ ОДИ ВО БРИСЕЛРама и Ковачевски на состанокот за Отворен Балкан во Охрид на 8 јуни. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тројцата лидери од Западен Балкан, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Александар Вучиќ, заеднички донесоа одлука сепак да одат на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел на 23 јуни.

    „Јас, Еди Рама и Александар Вучиќ денес донесовме одлука, уште еднаш да ја потврдиме позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина. Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан. Доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“, објави Ковачевски.

    Албанскиот премиер Рама, кој вчера кажа дека цела ЕУ е киднапирана од Бугарија и дека тоа не е убава претстава за гледање, денеска вели ќе оди во Брисел иако нема да има што да се слушне за нас во Брисел.

    „Ние ќе побараме да бидеме слушнати за идејата за нова европска политичка заедница која што ја поддржуваме и за Отворен Балкан кој што придонесува за напредокот на европскиот дух и за нашето киднапирање од страна на Бугарија“, вели Рама.

    Тој додаде дека во утрешниот говор ќе ја критикува Бугарија како земја која киднапираше две членки на НАТО додека има војна на границата на Европа.

    Српскиот претседател Вучиќ рече дека одлуката за заеднички настап на самитот во Брисел претставува уште еден чекор во борба за напредок на нашите земји, но и јасен сигнал дека и покрај бројните препреки продолжуваме да даваме конструктивен придонес на патот кон евроинтеграциите.

    Самитот ЕУ-Западен Балкан ќе одржи непосредно пред состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ, на кој, меѓу другото, треба да се решава за почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира