БУГАРИЈА НА СИТЕ АНКЕТИ КАЈ НАС Е НАЈГОЛЕМ НЕПРИЈАТЕЛ, ПАКЕТОТ СО ЕУ ОЧИГЛЕДНО НЕ Е РЕШЕНИЕ, РЕЧЕ ЕКСМИНИСТЕРОТ НИКОЛА ДИМИТРОВ НА ФОРУМ ВО ГРЦИЈА

    БУГАРИЈА НА СИТЕ АНКЕТИ КАЈ НАС Е НАЈГОЛЕМ НЕПРИЈАТЕЛ, ПАКЕТОТ СО ЕУ ОЧИГЛЕДНО НЕ Е РЕШЕНИЕ, РЕЧЕ ЕКСМИНИСТЕРОТ НИКОЛА ДИМИТРОВ НА ФОРУМ ВО ГРЦИЈАРеакцијата дојде по интервенција на бугарски претставник кој рече дека прашањето за почеток на преговори со ЕУ за Македонија е затворено (Фото: Солуција)

    „Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате?“, реагираше поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров на панел на форум што се одржува во Атина, откако бугарски претставник од публиката рече дека прашањето е затворено и дека Северна Македонија сега само треба да го почитува договореното.

    Димиров кој на Форумот учествува како претседател на невладината организација „Солуција“ рече дека меѓу Скопје и Софија нема компромис, туку „пакет што не донесе решение“.

    „Компромис е решение кое двете земји ќе ги направи несреќни. Кога едната страна е еуфорична и слави, тоа не е компромис. Овде компромис нема. Прашањето не е решено“, рече Димитров, додавајќи дека резултатите од таквата стратегија се „тажни“ и дека двете земји денес ги имаат „најлошите односи што некогаш сме ги имале“.

    Претходно, деканката на Факултетот за меѓународни студии, комуникација и култура на Универзитетот Пантеон во Атина, Марилена Копа ја повика Грција активно да ѝ помогне на Македонија во спорот со Бугарија и на европскиот пат.

    „Ние мораме да ѝ помогнеме на Северна Македонија, не смееме да бидеме само набљудувачи. Грција треба да се вклучи како медијатор во надминување на проблемот со Бугарија“, рече Копа, критикувајќи ја грчката влада дека не прави доволно за да ѝ помогне на земјава.

    Нејзината изјава го налути бугарскиот претставник, кој возврати дека Грција нема што да се меша, бидејќи прашањето било затворено.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира