БУГАРИЈА САКА ДА ЈА УНИШТИ МАКЕДОНИЈА САМО ЗАТОА ШТО Е ПОСЛАБА, ВЕЛИ ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ

    БУГАРИЈА САКА ДА ЈА УНИШТИ МАКЕДОНИЈА САМО ЗАТОА ШТО Е ПОСЛАБА, ВЕЛИ ХРВАТСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌХрватскиот претседател Зоран Милановиќ со словенечкиот колега Борут Пахор на самитот Брдо-Бриони. (Фото: предсједник.хр)

    Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вели дека она што го прави Бугарија кон Македонија е уништување на послабиот од себеси само затоа што е послаб, правејќи паралела меѓу спорот меѓу Словенија и Хрватска пред влезот на Хрватска во ЕУ со актуелниот спор на Македонија и Бугарија.

    Милановиќ, зборувајќи на прес-конференција по самитот Брдо-Бриони во Крањ, рече дека условите што ги поставувала Словенија за Хрватска пред нејзиниот влез во ЕУ му изгледале и сега му изгледаат рационални, и на Словенија не ѝ било целта да ѝ наштети или да ја понижи Хрватска, за разлика од барањата на Бугарија кон Македонија, за кои тој вели дека е навлегување во интимниот простор, што е недозволиво.

    „Словенија и Хрватска имаа многу жив, динамичен однос, Словенија поставуваше некакви услови, тие услови и тогаш и сега ми делуваа како нешто што ми е рационален материјален словенечки интерес. Словенија тука сакаше да добие нешто за себе, контакт со отворено море, значи животно важна работа, но никогаш не сум имал чувство, ниту сум видел дека Словенија сака да ѝ напакости на Хрватска и да ја спречи или понижи. Беа упорни, понекогаш и здодевни, нешто се договоривме, па на крајот не се договоривме. Животот оди понатаму. Ова што сега службената политика на една членка на Унијата ѝ прави на Северна Македонија е она што јас го нарекувам влегување во туѓо, односно влез во интимен простор. Се бара од еден аспирант, кандидат, кој е среде преговорите за членство, во учебниците по историја да ја дефинира својата национална генеза онака како тоа го бара соседната држава. Тоа е влегување во интимен простор, тоа не се прави. И на тоа отворено ќе се спротивставувам, се разбира во рамките и досегот на она колку што е тежок мојот збор, зашто имаме искуство во тоа и не можеш преку се да преминеш. Некогаш цврсто се бориш за своите интереси, бараш решение, но ако ти е целта да го уништиш послабиот од себеси само зашто е послаб, тоа никогаш не завршува добро. Тоа е една од пораките што денес не ги испративме во текстот на декларацијата. Не се занимававме со работите кои се од егзистенцијална важност за земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ. Каде се тука владеење на правото, правда, правичност. либерално-демократски вредности? Никаде, туку чист притисок од позицијата на посилниот. Хрватската историја и искуство кажуваат дека тоа секогаш завршува лошо по оној кој притиска“, кажа Милановиќна заедничката прес-конференција со словенечкиот претседател Борут Пахор.

    Милановиќ зборуваше за проблемите со кои се соочува Македонија на патот до членство во ЕУ иако беше прашан за средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ на самитот, и рече дека Македонија била принудена да си го смени името, а сега се наоѓа во невозможна ситуација. 

    „Ние сме овде да им помогнеме на нашите соседи од регионот при влезот во европските интеграции, да не комплицираме премногу. Тоа е тоа. Не се сите во иста точка на зрелост, напредок на преговорите. Некои се понапред, некои поназад. Македонија, односно Северна Македонија, како што сега официјално се вика, зашто тоа го бараа од неа, се наоѓа во една невозможна позиција. Тоа е тема што воопшто не сме ја допреле во денешните разговори, ниту во текстот на декларацијата, ниту Македонците воопшто инсистираа на тоа. Се работи за условите што им се поставени во една зрела, гестациска фаза на преговорите со ЕУ, а се однесуваат на содржината во некои учебници по историја во Македонија“, вели Милановиќ.

    На самитот Брдо-Бриони учествуваат лидерите од Западен Балкан и годинава во заедничката декларација ја повикаа Европската унија да ги почне пристапните преговори со Македонија и Албанија што е можно побрзо.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира