Со Поворка на живите од Музејот на Град Скопје до „Тутунски комбинат“ денеска почна одбележувањето на 80-годишнината од депортација на македонските Евреи во логорот Треблинка. На 11 март 1943 година од дворот на скопски Монопол, 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта.
Дел од поворката беше претседателот Стево Пендаровски кој во своето обраќање кажа дека треба да има извинување за улогата на тогашната профашистичпка влада во Софија во депортацијата на македонските Евреи.
„Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови. Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда, за на крај да бидат депортирани во логорот на смртта. Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу Холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт? И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, рече претседателот Пендаровски.
Пендаровски кажа дека живееме во критично време кога бројот на преживеани сведоци на Холокаусот се намалува, а антисемитизмот се зголемува. Затоа според него нашите институции се должни во наставната програма да имаат задолжителната посета на Меморијалниот центар на Холокаустот, со што ќе се едуцираат учениците за вистината за овој геноцид.
Претседателот на Еврејската заедница во Македонија Пепо Леви кажа дека идеите за уништување на Евреите сè уште постојат и затоа денес е поважно од било кога да се покаже светска солидарност во сеќавање на жртвите на Холокаустот и решителноста во справување со сите зачетоци на антисемитизмот.
„Вчера се навршија 80 години кога војската на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија им пресуди на невините Евреи. Хитлер, Мусолини и Цар Борис решија да уништат 98 отсто од еврејската популација во Македонија. 7.144 Евреи од Скопје, Битола и Штип никогаш повеќе не ги видоа своите родни градови. Често се прашувам дали 50 милиони жртви во Втората светска војна од кои 6 милиони Евреи, се научената лекција, за светот да живее во мир и демократија, почитувајќи ја различноста на народите, јазиците и културите. Денес кога антисемитизмот и нацизмот во најразни облици се буди не само во Европа, туку и на Блаканот и во Македонија, мора да престанеме со омразата и омаловажувањето, мора да престанат обидите за доминација“, реле Леви.
Во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи вечерва во Националната опера и балет ќе се држи комеморативен концерт.
А. АНТЕВСКА