БУГАРИЗАЦИЈА СЕ ПРАВИ ПРЕКУ ПАСОШИЗАЦИЈА, А НЕ СО СПОМЕНУВАЊЕ НА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ, ВЕЛИ ОСМАНИ

    БУГАРИЗАЦИЈА СЕ ПРАВИ ПРЕКУ ПАСОШИЗАЦИЈА, А НЕ СО СПОМЕНУВАЊЕ НА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ, ВЕЛИ ОСМАНИНајнепатриотски и најштетен чин кон државата е нашиот пасош да биде подреден на бугарскиот пасош, вели Османи. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека со секое одложување на членството на Македонија во ЕУ, сè повеќе Македонци ќе земаат бугарски пасоши и на тој начин се спроведува бугаризација на државата.

    Според неговите анализи, најголемо намалување на барањата за бугарски пасоши имало по Преспанскиот договор и членството на Македонија во НАТО, бидејќи тогаш, според него, се вратила вербата дека земјата ќе стане членка на ЕУ.

    „Секое доцнење на членството во Европска унија, една група Македонци добиваат бугарски пасош и за тоа треба во Софија да се пријават дека се Бугари по потекло. Нашите анализи покажуваат дека најголемото намалување на барањата за бугарски пасоши било веднаш по Преспанскиот договор и околу членството во НАТО затоа што на луѓето им се врати надежта за зачленување во ЕУ и дека нашиот пасош ќе биде европски и нема да мора да се пријавуваат како други за да си обезбедат работно место и подобар живот за своите деца. И некој мене ќе ми кажува дека со споменување на Бугарите како посебно малцинство во Уставот се прави бугаризација на државата, а не со земање пасоши каде што сами се пријавувате дека сте по потекло Бугари, освен ако нема некој премолчен договор меѓу радикалите од двете страни. Најнепатриотски и најштетен чин кон државата е нашиот пасош да биде подреден на бугарскиот пасош. Овој процес на пасошизација е најголемата платформа за бугаризација“, кажа Османи, одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени на денешниот брифинг за новинарите.

    Во врска со прободениот бугарски навивач во Скопје за време на гостувањето на Левски, Османи кажа дека фудбалските навивачи се посебен свет за себе и дека меѓу нив постојано се случуваат инциденти, така што не треба да се извлекуваат никакви заклучоци.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира