БУГАРСКИОТ КЛУБ СО ИМЕ НА ДОКАЖАН ФАШИСТ Е ОБИД БУГАРИЈА ДА СЕ ПРЕТСТАВИ КАКО ОСЛОБОДИТЕЛ, А НЕ КАКО ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОР, ВЕЛИ ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА ВО МАКЕДОНИЈА

    БУГАРСКИОТ КЛУБ СО ИМЕ НА ДОКАЖАН ФАШИСТ Е ОБИД БУГАРИЈА ДА СЕ ПРЕТСТАВИ КАКО ОСЛОБОДИТЕЛ, А НЕ КАКО ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОР, ВЕЛИ ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА ВО МАКЕДОНИЈАКлубот со име „Ванчо Михајлов“ обид да се минимизира улогата на Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија, велат од Еврејската зааедница. (Фото: СДК.МК)

    Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од именувањето „Ванчо Михајлов“ на новиот културен клуб во Битола, со име на потврден фашист и близок соработник со нацистите, велат од Заедницата и сметаат дека овој чин e навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа.

    Тие укажуваат дека на 16 април, Шабат и прв ден Песах, ден кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта, премиерот Кирил Петков, потпретседателката Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, и други „официјално го отворија бугарскиот културен центар ‘Ванчо Михајлов’ по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Адолф Хитлер“.

    „Ова е чин со којшто се загрозува мултикултурализмот. Класичен пример за непочитување и искривување на историјата. Еклатантен обид во таканаречената ‘заедничка историја’ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98% од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, велат од Заедницата.

    Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ е сместен на улица Рузвелтова во Битола, која до Втората светска војна беше дел од еврејскиот деснодрагорски кварт. На оваа улица има повеќе објекти во кои живееле Евреи, од кои дел трагично настрадале во озлогласениот нацистички логор Треблинка по депортацијата во 1943.

    Наследниците на преживеаните од холокаустот бараат итно и неодложно во Собранието да се донесат измените на Кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон. Бараат и да се поведе постапка околу правната издржаност на културни и други центри, граѓански здруженија и друго да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите.

    Исто така, бараат и Владата на Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна, како и Европската Унија и Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Бугарија.

    „Ние, Евреите од Република Северна Македонија, како и бројни македонски граѓани, имаме многу пријатели од Р. Бугарија, со којашто сакаме како соседи да живееме во мир и благосостојба. Фашистичкото минато на Бугарија под водство на цар Борис III и останатите докажани нацисти од врвот на власта на Царска Бугарија во Втората светска војна не смеат да претставуваат пречка во градењето добрососедски односи втемелени на взаемна почит, пријателство и доверба. Денешницата не смее да биде жртва на историјата, како што и иднината не смее да биде жртва на вистината“, велат во реакцијата Еврејска заедница во Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира