БУГАРСКОТО ВЕТО ЌЕ ГИ МОБИЛИЗИРА ПРОСРПСКИТЕ СИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ ВО ИНТЕРВЈУ ВО СОФИЈА

    БУГАРСКОТО ВЕТО ЌЕ ГИ МОБИЛИЗИРА ПРОСРПСКИТЕ СИЛИ ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ ВО ИНТЕРВЈУ ВО СОФИЈАЛидерот на ВМРО-Народна партија Љубчо Георгиевски вчера беше во Софија каде се сретна и со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која на Фејсбук објави фотографија од средбата со коментар дека „имале плодна средба“. (Фото: Фејсбук на Надежда Захариева)

    Бугарското вето ќе им нанесе голема штета на двете земји и ќе ги мобилизира просрпските сили во нашата земја, вели во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО-Народна партија која е дел од владејчката коалиција со СДСМ. Поранешниот премиер и прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ, вчера беше во Софија каде се сретна и со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која на Фејсбук објави фотографија од средбата со коментар дека „имале плодна средба“.

    „Обичните луѓе од двете страни на границата се чувствуваат блиски. Ние мора да ги признаеме заслугите на Зоран Заев и неговата желба за пријателство со Бугарија. Слушнав дека бугарските инвестиции и големи проекти се стопирани во нашата земја. Бојко Борисов и Зоран Заев мора да најдат решение и да тргнат кон вистинско приближување“, вели Георгиевски во интервјуто.

    Тој вели дека од бугарска страна, никој не сака промена на нашиот Устав и нов Договор.

    „Ова лично го слушнав од бугарските политичари. Софија сака спроведување на Договорот од 2017 година и конкретни резултати од работата на Мешовитиот комитет за историски прашања. Македонците треба да знаат за убиствата и теророт по 1945 година. Во нашата земја не е нормално да има улици именувани по луѓе што убиле Македонци“, вели Георгиевски.

    На новинарското прашање „Ниту еден бугарски политичар не рече, ние го земаме Гоце Делчев. Зошто оваа лага?“, Герогиевски вели: „Сакам да потенцирам дека македонската страна изјавува дека има договор, а бугарската страна се согласува со изјавата на Македонците, за светите Кирил и Методиј, за Свети Наум и за цар Самоил. Значи, има одредена конвергенција, има и чекор. Ова можеби не е доволно за бугарските историчари, но како личност која се обиде да пробие sидови во Македонија, можам да ви кажам дека многу е постигнато. Долго време сум во политика и се сеќавам дека беше сон на бугарските политичари заедно со Македонците да положат цвеќе на гробот на Свети Кирил и Методиј“.

    На дополнителното прашање „И кој ги чува овие sидови?“ во овој контекст, Герогиевски вели: „Длабоката држава’ во Македонија ги нарушува нормалните односи меѓу двете земји. Гради омраза и непријателство кон Бугарија. Вклучува професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност. Во суштина, тие не се сите Македонци“ и додава дека тие структури не се македонски „но тие се многу силни и јас тоа го чувствував на грб“.

    Во 2006, Георгиевски добил бугарско државјанство со што во Македонија и Бугарија предизвика бројни полемики за вистинските мотиви за ваквиот чин. Самиот тој се дефинира како бугарофил, а го смени и личното име од Љупчо во Љубчо.

    Бугарија ја оспорува и посебноста на македонскиот народ и на македонски јазик, а бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во вторникот изјави дека услов за Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ во декември е да се откаже од спомениците и плочите на кои пишува „бугарски фашистички окупатор“ и дека тој нема да прифати никаков компромис. Премиерот Заев на празникот 11 Октомври кажа дека ако Бугарија остане на тоа што го предложила, македонскиот народ треба да се подготви дека во декември нема почнат пристапните преговори со Европската унија.

    Минатата недела во Скопје, во интервју за „360 степени“, Герогиевски рече дека Бугарија нема да постигне ништо ако не ѝ дозволи на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ и најави ќе оди во Софија за во тамошната јавност да го образложи овој свој став.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира